-Бараме од претседателот на партијата, Али Ахмети, да го искористи својот политички и статутарен авторитет, за да најде решение за зачувување на партиското единство, се вели во реакцијата на истакнaти членови на ДУИ испратена денеска до медиумите

Со потпис на Изет Меџити, Висар Ганиу, Муса Џафери, Невзат Бејта, Блерим Беџети и уште неколку истакнати членови на владејачката ДУИ, до медиумите денеска е лиферувана реакција за состојбите во партијата во последните две години. Потписниците тврдат дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со партиските бази. Има и директни обвинувања кон вицепремиерот Артан Груби.

„Кадровски избори се претворија во привилегија на поединецот Артан Груби, нема отчет за работата на Владата и политичката програма речиси две години. Поради нефункционирањето на организациониот живот на ДУИ, ние констатираме дека има пад на поддршката на партијата (последните избори во Тетово!) Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“, се вели во реакцијата.

Тие бараат партискиот лидер Али Ахмети да го зачува партиското единство, да се отвори внатрепартиска дебата за надминување на состојбата, но и да се даде отчет и одговорност од носителите на извршната власт.

„Апелираме да се прекине внатрешната политичка ‘војна’ во партијата. Ги повикуваме членството и партиските структури да се ангажираат за надминување на состојбата. Бараме од претседателот на партијата, Али Ахмети, да го искористи својот политички и статутарен авторитет, за да најде решение за зачувување на партиското единство“, стои во известувањето до медиумите.

Незадоволните членови на ДУИ, писмото до медиумите го испратија од официјалната е-маил адреса на Општина Чаир.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.