Вчеравечер бевме сведоци на пренос во живо на Твитер како се менуваат хард дисковите во серверот на СДСМ за кои постојат сериозни индикации дека складираат лични податоци на граѓани преземени со апликацијата „Избори 2019 година“, подготвена од Социјалдемократскиот сојуз, обвинува Шефот на изборниот штаб на Гордана Силјановска Давкова, Горан Момировски.

Вчера за ова разговаравме во ДИК, а денеска овде во Јавното обвинителство разговарав со претставници на комисијата која врши мониторинг на евентуални изборни нерегуларности. Оттаму беше кажано дека случајот веќе е доставен до Скопското јавно обвинителство, каде што е назначен јавен обвинител кој треба да го истражува овој случај, изјави Момировски.

Од штабот на Гордана Силјановска Давкова се зачудени од фактот што и три дена откако јавноста, Обвинителството и МВР разбрале дека една политичка партија преку апликација прибира и складира информации на партиски сервер, институциите не го одземат серверот за да се спречи понатамошна дистрибуција на податоците и да се утврди одговорност.

Не е направена ниту форензична истрага за упадот за хакерскиот упад во Државната изборна комисија кој се случува во истиот период кога СДСМ ја покренува апликацијата „Избори 2019 година“ и тоа пред околу 15 дена, додава Момировски.

Според нивни информации МВР сѐ уште не утврдило како се случил тој напад, дали има поврзаност со апликацијата на СДСМ.

Лицето кое во 2016 година било претставник на Социјалдемократскиот сојуз во комисијата во ДИК која ги прочистувала изборните списоци и имала пристап до целата евиденција и матичните броеви на граѓаните е автор на апликацијата која собирала информации од граѓаните и ги пренесувала на серверот на СДСМ. Неверојатно е три дена откако аферата „Големото око“ излезе во јавноста, институциите да молчат, а луѓето одговорни за овој криминал во СДСМ да ги менуваат серверите и притоа целата македонска јавност да биде сведок на менувањето на серверите кои што најверојатно веќе се уништени и во нив нема да може да се утврди што се содржело. Доколку се реагираше побрзо и се утврдеше фактичката состојба, ќе бевме помирни во однос на изборните нерегуларности, но и за други евентуални криминални активности, посочи Момировски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.