За едни дечиња има, но за други нема прием во основните училишта ако не примиле вакцини. Во „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров дел од првачињата останале на улица, иако претходно на нивните родители им ветиле дека сите ќе бидат запишани. Телевизија Алфа, која посочи дека нивната новинарска екипа била избркана од училиштето, побарале одговор од директорката, но таа не била расположена за коментар.

Пред училиштето доаѓале родители кои сакале да се сретнат со директорката, но ниту еден не бил примен. Дел од нив рекле дека ова е голем проблем кој не смее да се пресликува на децата уште на почеток.

– Ова е катастрофа, мора институциите да реагираат, и да се реши овој проблем. Ќе си одиме од Македонија ако не се реши ова за нашите деца, рекле дел од родителите.

И додека дел од родителите се разочарани зашто нивните деца не седнале во клупа на првиот училиштен час, министерот за образование рече дека заедно со Министерството за здравство ја следат состојбата.

– Државниот просветен инспекторат има надлежности зашто до него училиштата ќе доставуваат информации кои деца не се запишани, а би требало да бидат. Сите податоци за запишани деца ќе ги добиеме овој месец, а со министерот за здравство Филипче договоривме да има и теренска вакцинација во самите училишта за да се подигне опфатот на вакцинирани деца, изјави министерот за образование Арбер Адеми.

По ширењето на заразата минатата учебна година, за која во април беше прогласена и епидемија низ цела држава, беше донесена одлука во градинките и училиштата да се примаат и запишуваат деца само со приложување вакцинален картон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.