Мислењето на Венецијанската комисија е респектабилно во светот, но не и Македонија. Дневнополитичките ситни поени, пак, се одлучувачки фактор во македонската политика како што не се никаде во светот. И така, сакајќи да го фатиме возот за Европа, неповратно го губиме чекорот со светот и со здраворазумските политики.

Премиер во заминување кој трипати на ден го менува мислењето и доминантен партнер кој не отстапува од ветеното. Можеби и со право, зашто откриен задник, секој го плука. Како и ветувањата на премиерот во заминување.

Згора на се, владината коалиција почива на темелите на љубовна врска со доминантен партнер, насилник, па мирот во куќа се купува со поќутување дома на сметка на европската перспектива на целата земја.

Неслучајно францускиот амбасадор во последното интервју потсетува дека Венецијанската комисија е почитувана во светот и нејзиното мислење треба да се земе сериозно и да се имплементира.

Кога бараме мислење од некого, тоа мислење треба да се земе предвид или парцијало или целосно, затоа што сметаме дека телото Венецијанска комисија е доста почитувано, и ја почитува целиот свет, а кога сме во потрага по европски стандарди, треба да почитуваме мислење на институција која е почитувана. Суштината на оваа комисија е да креира право, и да се произведе консензус, порача францускиот амбасадор.

Тимоние, со ова само потсетува на францускиот нон пејпр. Дел од новата методологија што ја предлага Франција во дел на владеење на правото е да се следат препораките на Венецијанската комисија.

Јасна е позицијата на ВМРО-ДПМНЕ – компромиси со правдата нема! Ние не сме Заев па да правиме компромиси со правдата за пуста власт! Затоа не е прашање кој каков став има туку дали веруваме во принципите! Ако веруваме овој неуставен закон треба да седнеме сите заедно и да го направиме уставен токму со измени и амандмани кои ќе ги следат препораките на Венецијанската комисија.

Дел од новата методологија што ја предлага Франција во дел на владеење на правото е да се следат препораките на Венецијанската комисија. Тоа Османи како Потпретседател на Влада за евроинтеграции или ќе го следи или уште долго ќе го сонува датумот за преговори со ЕУ.

Меѓу две делења совети што да прави ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нека ги прочита препораките на Венецијанската комисија и Францускиот нон пејпер. Ќе биде добар старт за него, му порачува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на вицепремиерот Бујар Османи, пред чиишто цврсти националистички ставови простум стои и премиерот во заминување Зоран Заев.

Токму во сервилниот однос на Заев кон коалицискиот партнер се лоцира и проблематизирањето на препораките на Венецијанската комисија.

Комисијата имала сознанија од одредени соговорници дека законот бил подготвен како дел од коалицискиот договор меѓу двете партии (СДСМ и ДУИ) без претходна соодветна анализа на слабостите и пропустите во примената на Законот за јазиците од 2008 година и без соодветна консултација со претставниците на помалите етнички заедници. Со оглед дека во образложението на законот стои дека неговото усвојување е резултат на неконзистентноста во примената на Законот за јазиците од 2008 година, на Комисијата ѝ е тешко да разбере зошто при подготовката на нацрт-законот не претходела анализа на причините кои довеле до неконзистентна примена на претходниот закон (финансискиот капацитет на државата, квалификувани човечки ресурси, неподготвеност на вработените кадри, отстуство на интерес кај немнозинските заедници за реализација на правата предвидени во законот и слично) и како сите тие услови ќе влијаат во иднина (во смисла на немање буџетски средства и човечки ресурси) при натамошната имплементација на законот.

Дополнително, по ова прашање, Комисијата му препорачува на законодавецот при повторното разгледување на измените на законот да не ја користи скратената постапка во Собранието.

Зборувајќи за Законот за употреба на јазиците, пратеникот Антонио Милошоски порачува дека мислењето на Венецијанската комисија е меѓународна шлаканица за коалицијата СДСМ-ДУИ, бидејќи донела закон надвор од европските стандарди. Законот е правно неодржлив, донесен со цел краткорочно да се задоволат коалициските интереси.

Имаме Закон за парнична постапка, имаме Закон за обвинителство, имаме Закон за кривична постапка, имаме Закон за управна постапка. Сите овие закони се системски закони коишто ние или наши претходници во Собранието ги изгласале согласно со уставните амандмани, а системски закон значи дека се гласа со две третини. И сега вие со еден закон изгласан со просто мнозинство наметнувате норма на друг закон, системски закон, изгласан со две третини. Тоа е правно непознавање на работите, тоа е политиканство се со цел краткорочно да се задоволи некој коалициски интерес, но правно не е оддржлив и во право е Венецијанската комисија кога вели дека овој закон ќе направи повеќе штета во правосудниот систем, отколку корист. А и досега на ниту една странка во правосудниот систем не ѝ било скратено да користи мајчин јазик, рече Милошоски во дебатата со Артан Груби од ДУИ и пратеничката од СДСМ Соња Мираковска во „Топ тема“.

И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски секојдневно повикува власта да прифати амандмани во Законот за јазиците, со кои овој закон ќе стане уставен и издржан. Засега, како и многупати досега, власта игнорира.

И така, додека за Османи Законот за јазиците е столб на државноста, за Заев и за Шекеринска фактор на зближување, за Венецијанската комисија тој е непремослтива пречка, која не остава уште долго да тапкаме во калта како третиот свет на Европа.

Да повторам уште еднаш, три документи кои се во основа на државноста, а тоа се Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Законот за јазици се документи кои се иреверзибилни и кои нема да бидат предмет на никакви промени и измени, ниту еднонасочни, ниту какви било промени, туку треба да се најде начин како да ја имплементираме намерата на Венецијанската комисија за создавање капацитети со цел имплементирањето на двојазичноста да не создава проблеми во општеството, изјави Османи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.