Во Собранието се одржа средба меѓу лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ, Али Ахмети, во рамки на преговорите за формирање парламентарно мнозинство и влада, но резултат од средбата нема.

Прашан дали пречка за успешни преговори е барањето на ДУИ за премиер Албанец Заев кратко одговори дека ако дава премногу коментари, нема да помогне на преговарачкиот процес.

Жалам, но денеска нема договор – изјави лидерот на СДСМ по средбата во Собранието.

Заев, сепак, најави дека преговорите ќе продолжат во следните денови, изразувајќи задоволство затоа што, според него, наративот на коалицискиот договор бил стокмен.

Верувам дека нема многу време да губиме во распределбата на ресорите, приближно знаеме кој каде е подготвен да земе одговорност, но сето тоа ќе значи и компарација со кадрите за кои ќе се разговара, но дефинитивно имаме уште многу да работиме во следниве денови. Се надевам дека тоа ќе биде час поскоро или ден порано – изјави Заев.

Од своја страна и Ахмети потврди дека не е постигнат договор, но изрази убеденост дека постои реална можност за договор.

Договор не е постигнат и се надеваме дека таков договор е можен затоа што државата не треба да остане без извршна власт. Државен интерес е да се продолжи партерството кое затвори многу значајни теми – членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Очекуваме позитивен епилог од овие разговори. Ние инвестираме прашањата да одат во добра насока – изјави Ахмети.

Лидерот на ДУИ потенцира дека е оптимист и дека преговорите ќе продолжат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.