Болниците во Македонија веќе се преполни со пациенти заразени од ковид-19. Денешната бројка на пациенти кои се лекуваат од ковид-19 е 843. Нема веќе слободни кревети ниту доволно кадар за прием на ковид пациенти во здравствените установи, особено во внатрешноста. Вчера беа регистрирани нови 1.192 случаи со ковид-19 од 3.211 тестирања.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 12 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 160 пациенти од кои на кислородна поддршка се 130 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Таму нема место и во модуларната болница. Во болницата во Козле хоспитализирани се девет позитивни и едно дете суспектно на ковид-19 и 22 возрасни пациенти, позитивни и суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се осум пациенти. Вкупно се хоспитализирани 79 пациенти од кои на респиратор се двајца пациенти. Во Институтот за ТБЦ се хоспитализирани 30 пациенти, позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Битола се хоспитализирани 70, а во болницата во Штип се 52 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Кичево, Кавадарци се хоспитализирани 421 позитивни и сомнителни на ковид-19.

Во сите болници се размислува да се оспособат и други одделенија за прием на ковид пациенти, затоа што инфективните одделенија веќе се исполнети.

Од Министерството за здравство тврдат дека ниту еден пациент нема да остане без здравствена нега, а најавија и дека 180 специјализанти од внатрешноста и Скопје се враќаат во матичните установи и ќе бидат вклучени во системот на ротација на персоналот за згрижување на сите болни.

Сите интерни клиники во рамки на Клиничкиот центар, во Скопје како што информираа од Министерството за здравство, се подготвени да примаат ковид пациенти и нема да запрат со нормалната работа, односно со интервенциите на дневна основа. Обезбедени се 150 болнички легла и кадарот е подготвен да работи со ковид пациенти, но нема да изостане и тековната работа со третман на пациенти на дневна основа кои не се со ковид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.