Најпосетуваната туристичка дестинација во земјата првпат новогодишните и божиќните празници ќе ги мине без вообичаените организирани забави и семејни собири, согласно протоколите што ги одреди Владата како мерка за спречување на натамошно ширење на коронавирсот.

Новонастанатите услови наметнати од епидемијата резултираа со одлука на Комисијата за заразни болести за затворање на угостителските објекти во 18 часот, како и забрана за работа на рестораните и баровите во хотелите после 21 часот. Истовремено забрането е и групирање на плоштадите и јавните места, така што нема да има ниту дочек на Новата година на отворено, нешто што беше вообичаена практика во сите поголеми места и туристички центри. Мерките за спречување на ширењето на епидемијата не забрануваат движење на граѓаните и туристите, но во колкава мера тоа ќе значи дека сепак ќе има гости на охридската ривиера.

За сите оние што планираа да дојдат во Охрид важат истите правила, да ги минат празниците без организирање забави, што може да одврати голем дел од потенцијалните гости да се откажат од намерата да дојдат тука. Оние што сепак ќе решат да дојдат за да избегаат од секојдневието и тие неколку празнични дена да ги минат во прошетки низ градот и покрај Езерото.

Како и да е, очекувањата на угостителите и на хотелиерите е дека доаѓањето на гости во Охрид ќе биде индивидуално и во далеку помал број споредбено со изминатите години кога во градот и на крајбрежјето доаѓаа и по десет илјади гости за новогодишните празници. Со оглед на општата ситуација наметната од епидемијата и забраната за организирани прослави, тоа ќе биде без некаков позначаен импакт врз туристичкиот промет.

Охридските угостители најавија дека ќе ги почитуваат сите мерки и протоколи што ги наложи Комисијата за заразни болести, но забележуваат дека скратувањето на работното време на нивните објекти само ќе придонесе за уште поголем ризик од појава на нови кластери на коронавирусот. Нивниот став, идентичен на ставот на Комората на угостителите во земјата, е дека воведувањето рестриктивни мерки без истите да бидат проследенисо  соодветна финансиска поддршка, ќе ги доведат угостителите и бизнисите од пропратните индустрии во целосен колапс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.