Се подготвуваат гласачките места за локалните избори. Почна процесот на дезинфекција на училиштата. Државната изборна комисија ги задолжи општините да ги дезинфицираат просториите пред денот на гласање, но и по затворањето на гласачките места.

Обврските за дезинфицирање на објектите, конкретно на училиштата каде ќе се гласа, им припаѓаат на општините, бидејќи станува збор за локални избори и обврската им останува на нив. Должни се да обезбедат мерки за заштита на здравјето на членовите на избирачките одбори, на гласачите, како и на учениците кои веќе следниот ден треба да следат настава во училиштата, објави ТВ 21.

Но, колку е безбедно децата да се вратат во училишните клупи веднаш по изборниот ден? Од Министерството за образование велат дека сите простории каде ќе биде организирано гласање ќе бидат дезинфицирани, а учениците со образовниот процес ќе продолжат веќе наредниот ден.

В понеделник, односно ден по локалните избори нема да има прекин на наставниот процес. Училиштата се должни да ги дезинфицираат сите простории во училиштата и на учениците да им овозможат безбедно место за следење настава, велат од Министерството.

В недела исто така и во Косово се одржуваат локални избори. Тамошната министерка за образование, одлучи в понеделник во училиштата каде ќе има отворени гласачки места наставата да се одвива онлајн, додека во училиштата каде нема да се гласа, наставата да се одржува со физичко присуство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.