Одлагање на изборите нема. Јас на 3 јануари ќе ја поднесам оставката во Владата. Парламентот треба да ја констатира оставката и со тоа паѓа целата влада. Истиот ден претседателот Пендаровски треба да му даде мандат на Оливер Спасовски кој треба да ја предложи новата влада и парламентот да ја изгласа, изјави претседателот на СДСМ и премиер во заминување Зоран Заев вечерва на прес-конференцијата на која ги соопшти одлуките на Извршниот и Централниот одбор на партијата Спасовски да биде технички премиер во преодната влада.

Потврда за сериозноста дека нема одлагање на изборите, рече, се кадровските решенија договорени за преодната влада.

Дадовме збор, а и опозицијата стоеше на зборот и денеска го заокружи пакетот на закони во Собранието што имаат реализација од 1 јануари. Останаа законите кои може да се донесат во јануари и може да се имплементираат следната година, истакна тој одговарајќи на новинарски прашања во партиското седиште.

Ги почнуваме, рече, законските рокови – стоте дена од денот на изборите наназад. Нагласи дека СДСМ не се откажува од една изборна единица затоа што е добро за државата и правично за сите.

За една изборна единица можеме да одлучуваме сè до 12 февруари односно до 60 дена пред изборите додека работи Парламентот. Ние не се откажуваме од ова прашање, а и колегите од помалите политички партии, помалку бројните етнички заедници се про и сакаат. Тоа е и наше изборно ветување. Треба и другите политички партии, како ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да седнат, а јас утре ќе го отворам и тоа прашање, доколку и господинот Мицкоски сака да разговара. Убаво е ако за тоа одлучиме со консензус. Утре ќе ја искористам средбата со првиот човек на најголемата опозициска партија, можеби ќе најдеме одредено решение, рече премиерот во заминување.

На седниците на ИО и ЦО на СДСМ вечерва е одлучено министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да биде технички премиер во преодната влада од 3 јануари 2020 до формирањето на новата влада по изборите на 12 април. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе биде вицепремиер за економски прашања, на местото на Кочо Анѓушев. Избрани се и двајца дополнителни заменици министри во преодната влада – Славјанка Петровска во МВР и Санела Шкријејљ – во МТСП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.