Нема конкретен одговор од македонските власти дали и кога ќе се отвори границата со Грција. Од Министерството за надворешни работи за „Сител“ велат дека тие се во постојана комуникација со грчките власти и работат на изнаоѓање на заедничко решение.

Двете страни сериозно ја следат епидемиолошката ситуација и процесот на вакцинирање во двете земји, а согласно настанатата состојба ќе се решава за отворање на границите.

Интерес на двете соседни земји е развој на туризмот и економијата која придонесува за подобрување на животниот стандард за граѓаните на двете држави, велат од МНР.

Од Министерството за економија го повторија ставот дека нивниот фокус е развојот на домашниот туризам.

Како и досега, така и понатаму ќе продолжиме да ги спроведуваме мерките за поттикнување на странските туристи да престојуваат во земјава, но истовремено да ги поттикнеме нашите домашни туристи да ги посетат нашите туристички дестинации, велат од Министерството за економија.

Од таму додаваат дека бараат решение за ваучерите кои агенциите ги издадоа за уплатените аранжмани лани. Се размислува за продолжување на рокот за искористување на истите.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ апелираа Владата и министерот за економија да најдат начин границите да се отворат, ако навистина веруваат во нивниот капацитет за забрзана и ефикасна имунизација.

Од туристичките агенции пак велат дека ако не се отвори границата со Грција тоа за нив ќе значи клуч на врата. 90 отсто од туристичките патувања се реализираат кај јужниот сосед.

Вчера грчките и српските власти се договорија Грција да ги отвори границите за српските туристи во мај, а можно е и порано, уште наредниот месец. Слободен влез ке имаат вакцинираните и оние кои ќе покажат негативен ПЦР или тест за антитела. За деца до 10 години нема да биде потребна потврда за вакцинација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.