На само два месеци пред локалните избори, Владата донесе уредба со која дел буџетски корисници ќе земат додаток на плата во висина до 30 отсто од износот на основната плата, поради специфичноста на работите и работните задачи и зголемен обем на работа на вработените од централната власт.

Научната фела,  опозицијата, но и антикорупционерите за уредбата на Владата за исплата на додаток на плата во висина до 30 отсто за „вредните“ административци сметаат дека се работи за системски поткуп на административците и влијание врз гласачкото тело.

Награда за лепачите на плакати и за партиските војници. Предизборен поткуп и притисок. Директна предизборна корупција иако Владата и владејачкиот СДСМ, пак, се правдаат дека зголемените плати за дел од службениците ќе ги искешираат по изборите и дека не станува збор за предизборен поткуп. Велат дека додаток на плата можат да добијат најмногу 30 отсто од вкупниот број вработени во институцијата, при што исплатата нема да биде за оние вработени кои имаат право на додаток на плата со посебен закон или колективен договор.

Во анализата на Плусинфо недостасува мислењето на ОБСЕ/ОДИХР.

Од ОДИХР велат дека се поканети да ги набљудуваат локалните избори и дека со првичната оценка ќе излезат ден по изборите, пишува Плусинфо за одговорот добиен од европската мисија.

Професорот Борче Давитковски е дециден дека уредбата е специјално наменета за 11.000 до 12.000 партиски војници кои работат во државната администрација за на власта да ѝ се „најдат“ за изборите.

Уредбата во најмала рака е непримерна, таа е политичка и е во функција на претстојните избори. Државата ќе ги наградува буџетарите кои лепат плакати и така се вработуваат. Не е ни време, а ни место, да се наградуваат административците кои и онака една година работеа од дома, пред компјутер. За каков вонреден ангажман тие сега ќе добијат плус надомест? Ако требаше да се направи отстапка и некој да се награди, тоа секако се однесува на пожарникарите и на медицинските работници, вели Давитковски за Плусинфо.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.