Никакви фондови не сум користела од фондацијата „Сорос“. Да, ме примиле извесно време и ме разрешиле во моментот кога прифатив да бидам претседател во фондацијата на Глигоров, изјави професор Гордана Силјановска Давкова во своето прво телевизиско гостување по претседателската кандидатува во вестите на „Сител“ телевизија.

Моја книга никогаш не е финансирана, значи имало конкурс за книги кои не се печатат во голем број. Факултетот, значи сите ние сме конкурирале и јас сум добила, но сакам уште нешто да кажам – како претставник на мојот факултет, јас сум втемелувач на таканареченото клиничко правно образование на Правниот факултет, а овој конкурс  беше врзан за Универзитетот Колумбија, каде што се одвиваше ова клиничко образование. Меѓу останатото, тој Универзитет  користел средства и од господинот Сорос. Мојата клиника беше прогласена за најдобра во Источна Европа, па средствата си дојдоа на факултетот, тие средства не ги користев јас, туку мојот факултет, објасни професот Силјановска, одговарајќи на неодамнешните обвинувања.

Силјановска рече дека не може да оцени какво влијание има фондацијата врз демократското општество, но нагласи дека во деведесетите години Сорос на Република Македонија ѝ даде кредит во време на ембарго и недостаток на нафта, а во рамките на филантропската мисија финансирал многу земји во образованието, здравството и слично.

Но, исто така го знам и она што господинот Глигоров ми го има кажано, а тоа е дека во моментот кога господинот Сорос манифестирал амбиции за политичко влијание во Македонија. тој го замолил да не го прави тоа, вели Силјановска.

Силјановска објасни и дека нејзиното учество во одборот било во деведесетите, првите мејлови на Универзитетот се користеле токму тие.

Одговарајќи на прашањето дали доколку ја изберат за претседател на земјата ќе даде заклетва пред Уставот на Република Северна Македонија, таа потсети дека претседателот на Собранието ги распиша изборите за претседател на Република Македонија.

Јас сè уште не сум тоа, но ако бидам ќе чуете тогаш како ќе се заколнам. Се разбира дека го почитувам Уставот и законите и соодветно на тоа ќе се однесувам и при заклетвата. Но, да потсетам дека и претседателот, и премиерот, и министрите се заколнаа пред Уставот на Република Македонија, во ниту една програма не најавија промена на името, па немаа никаков проблем, изјави Силјановска.

На прашањето како ќе комуницира со внатрешните институции и меѓународната заедница доколку се противи на користењето на името, меморандумите со „Северна Македонија“ и слично, Силјановска одговори изразот „противење“ е несоодветен.

Реков дека ќе ја почитувам реалноста. Сигурно дека нема да земам чекан, па како Царот Душан да рушам на мостот, ниту ќе го вадам називот, ниту ќе ги фрлам печатите, се разбира, меѓутоа во секоја прилика, во секоја средба, и дома и надвор, ќе укажувам на проблемот со кршењето на меѓународното задолжително право и Уставот на Република Македонија, вели Силјановска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.