Претседателот на Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски обраќајќи се од протестот пред Министерството за здравство насловен „Здравје, а не провизија“, го искажа разочарувањето и незадоволството од Влада поради тоа што таа не се справува како што треба со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19.

Тој ги повика насобраните демонстранти да дадат аплауз за министерот за здравство на Република Србија поради тоа што обезбеди над 50 илјади вакцини за Македонија, по примерот кога на почетокот на пандемијата имавме само по неколку десетина заразени на корона вирусот дневно и поддржувачите на нашиот министер Венко Филипче во негова чест даваа аплаузи.

Нелоски, од протестот повика на оставка од Венко Филипче, како што го нарече, министер за здравство и провизија, затоа што додека во Македонија од корона вирус, дневно, животот го губат по 50 македонски граѓани, тој и луѓето од власта низ Македонија се шетаат со хеликоптери.

И како што го поздравивме српскиот министер за здравство, да го поздравиме и нашиот министер за здравство и провизија. Убијци се оние луѓе кои што, кога во државата починуваат 50 луѓе одат како севернокорејци со хеликоптер да се шетаат низ државата“, истакна Нелоски.

Од протестот под мотото „Да го измиеме срамот“, тој истакна дека вчера на секој еден час починуваа по двајца наши сограѓани, а луѓето од власта мува не ги лазе и се однесуваат како ништо да не се случило.

Јас драги пријатели се срамам што денеска сме април месец, а имунизацијата не е започната. Се срамам што министер на друга држава направил повеќе за нашите граѓани од нашиот министер. Се срамам што, додека премиери на наши соседи успеваат и да извезат вакцини, а кај нас сеуште не можат да увезат. Се срамам бидејќи денеска кога, најверојатно, повторно ќе имаме голем број на починати, пола влада, пет министри и премиерот одат во Велес, пазар да отворат“, рече Нелоски.

Наместо да влезат во хеликоптерот и да одат по белиот свет да најдат вакцини за нашите сограѓани, вели Нелоски, тие одат за да си прават ПИ-АР и промоција, но за жал, вели, друго не знаат.

Ме јаде исто така срам, затоа што имаме над 3.800 починати, а одговорност нема. Исто така ми е срам што Комисијата, која што треба да се грижи за здравјето на граѓаните, вели не се потребни дополнителни мери бидејќи вирусот е премногу раширен, порача Нелоски.

На крајот на протестот тој заедно со луѓето кои со него се собраа да го искажат револтот кон министерството за здравство на чело со Венко Филипче и целокупната Влада предводена од Зоран Заев, фрлаа балони полни со вода кон зградата на министерството за, колку толку, да им го измијат срамот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.