Откако Ибрахим Дехари од ДУИ ја одби понудата за министер за привлекување на странски инвестиции, за оваа функција премиерот Зоран Заев доби друг предлог од владиниот партнер Али Ахмети. Се работи за Хисен Џемаили, кој за „Плусинфо“ потврди дека ја прифатил понудата  и додал дека битно е Владата да е силна и што повеќе да придонесеме за општеството.

Џемаили е од тетовскиот округ на ДУИ, кој беше незадоволен затоа што од овој реон до сега немаше ниту еден министер во Владата.

Џемаили денеска работи како асистент-професор по географија на Тетовскиот универзитет. Претходно беше советник во Општина Тетово, а во мандатот од 2008 до 2011 беше пратеник. Тој е еден од основачите на Демократската унија за интеграција.

Ќе остане запаметен и како обвинет во еден од четирите Хашки предмети и како еден од пратениците на кој му беше одземен имунитетот. Како активен учесник во ОНА во конфликтот од 2001 година, беше обвинет за Хашкиот предмет „Малтретирани градежни работници од Маврово“. Тогаш по Џемаили беше распишана потерница бидејќи два месеца не се појавуваше ниту во Собранието ниту во суд.

Откако Собранието во 2011 година го донесе Автентичното толкување на Законот за амнестија, Хашките предмети се затворија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.