Министерството за надворешни работи информира дека во 19 часот, министерот Бујар Османи ќе одржи средба со новинарите.

Претходно од МНР добивме известување дека веднаш по потпишувањето на протоколот со Бугарија во Софија, содржината на документот ќе биде објавена за јавноста. Сепак, бугарските медими информираат дека протоколот ќе биде објавен утре или во текот на наредната недела.

Неизвесно е дали Османи на состанокот со новинарите ќе ја објави целосната содржина на потпишаниот протокол, со кој се одредуваат идните односи на Македонија и на Бугарија.

Од друга страна, бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска ја информира својата јавност дека Протоколот содржи амбициозни мерки, кои имаат за цел да решат многу од отворените прашања.

Ова не е документ сам по себе, туку составен дел од пакетот на таканаречениот „француски предлог“, посочи Министерката за надворешни работи на Бугарија, нагласувајќи дека официјална Софија не го признава македонскиот јазик.

При одредувањето датум за првата меѓувладина конференција од страна на чешкото претседателство со ЕУ, Република Македонија ќе има политичка меѓувладина конференција. Дури по овој процес ќе има втора меѓувладина конференција, по што всушност ќе започне преговарачкиот процес. Овој период зависи од властите во РСМ, може да трае три месеци, како што беше при промената на името на државата, може да трае две години.  Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на РСМ. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик, нагласи таа.

Таа додаде и дека ќе продолжи работата на ниво „експерти“ со Македонија, а бугарските медиуми известуваат дека протоколот ќе биде дел од преговарачката рамка на Скопје за членство во ЕУ и содржи мерки за наставните програми за историја, говор на омраза и култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.