И официјално денеска ќе расправаме за понудата од Владата донесена на синоќешната седница, ќе направиме и пошироки консултации. Во неделата имавме извештај од сондажата за понудата што ни ја достави Владата тогаш усмено и сега писмено и 95 отсто од членовите се изјаснија дека не ја прифаќаат, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК, во утринското гостување на Утрински брифинг.

Тој додава дека има притисоци врз штрајкувачите и тоа не се само списоците кои ги прават кој штрајкува или кој не штрајкува.

Премногу се потенцира дали ќе бидат исплатени дневниците за време на штрајкот и тоа се доживува како притисок. Дури и партиите вршат пристисок врз своите членови. Не е спорно колку ние можеме да издржиме, спорно е колку Владата ќе остане закопана во ров на својата позиција. Владата не нѐ послуша кога зборувавме за наглото зголемување на минималецот, а кога веќе е покачен минималецот треба да се покачат и нашите оти ние чекаме шест години. Чашата ја прелеа тоа што со зголемувањето на минималната плата сега имаме некои работни места со различна сложенст кои имаат иста плата. Не е проблемот нашата нетрпеливост, вели Неделков.

Додаде дека СОНК ќе направи нова сондажа на членството и веројатно на регионално ниво ќе имаме информации за расположението на членството.

Ние изразивме голема благодарност до родителите и изразуваме жалење што се соочуваат со проблеми. Но, во 2014 година беше донесен закон за штрајк за носење заменски наставници во време на штрајк. Ние го критикувавме овој закон. Не се инаетиме со владата, ова е реална потреба, вели Неделков.

За тоа како ќе се надоместат загубените часови, Неделков вели дека СОНК не ја организира наставата, таа одлука треба да ја донесат Бирото за развој и Министерството за образование.

Ние имаме синдикална членарина од 0,6 проценти, тоа се некаде околу 150 денари месечно. Кај нас доаѓаат 40 денари по член, а останатите остануваат во регионалните синдикати. Убеден сум дека нема да дојде до тоа да не се исплати плата оти колективните договори јасно велат дека плата исплаќа работодавачот. Оти правата им се прекршени на работниците ако земаат плата иста како и оние кои се скалило подолу во хиерархијата, вели Неделков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.