Членови на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) денеска се собрани пред седиштето на СОНК по информациите дека е постигнато зголемување на платите за 12 проценти и оти штрајкот од утре ќе прекине.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков денеска ги оквалификува како шпекулации информациите дека е потпишан договор со Владата и дека било поткупено раководството на синдикатот.

(фото: МИА)

Едно е јасно. Вчера бевме во Влада и во изјава за медиумите кажавме дека разговаравме и дека останува на членството да се произнесе по предлозите. Од таа причина, сеуште се држат состаноци и се сондира мислењето на членството. И Синдикатот со 50 плус еден глас ќе одлучи за прифаќање или одбивање на понудата. И од таа причина бидете сигурни дека без никаква манипулација, ќе бидат јавни и транспаретни одлуките на членството, изјави Неделков пред насобраните членови на синдикатот.

По барање на насобраните членови, Неделков се согласи седницата на Советот на СОНК да биде отворена. Седницата на Советот, според најавите, треба да се одржи попладне со почеток во 16 часот.

Раководството на СОНК вчера по неколкучасовни преговори во Владата се договори платите да бидат зголемени за 12 проценти почнувајќи од јулската плата откако првично беше одбиен владиниот предлог за зголемување од 10 проценти. Претседателот на СОНК по средбата во Владата изјави дека тоа е максимумот што во моментот можел да се издејствува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.