Небулозни одредби,текст со недоречености, закон со интенција за вдомување на кадрите на СЈО – вака експертите го оценуваат текстот на Предлог-законот за Јавно обвинителство. На вчерашната јавна расправа тие беа едногласни дека ова не е добро решение и како таков не смее да биде донесен.

Професорката по уставно право Гордана Силјановска-Давкова, беше децидна дека законот треба да се даде на разгледување на Венецијанската комисија и дека не може да се носи по скратена постапка. Со голем дел од нејзините забелешки се согласи и Владо Камбовски, како претседател на Комисијата која го изработуваше предлог-законот. Тој беше дециден дека Собранието се наоѓа во позиција кога мора да го донесе овој закон, дури и по цена на одложени избори, затоа што без владеење на правото нема перспектива за земјата и тоа е суштествен услов за европска интеграција. Професорот Гордан Калјаџиев, исто така, упати критики кон законското решение, нагласувајќи дека текстот има недоречености и дека во таа смисла не е имплементирана европската регулатива.

Силјановска Давкова: Потребна е корекција на некои членови

Универзитетската професорка по уставно право Гордана Силјановска Давкова смета дека член 109, став 1 и став 2 е потребно да се корегираат бидејќи директно се мешаат во Советот на јавни обвинители.

Член 109 апсолутно и став 1 и став 2 не им е место во Законот за јавно обвинителство, зошто значи директно мешање на законот во работата на советот на јавни обвинители. Имено во рок од 30 дена од влегувањето на сила на овој закон се вели дека Основно јавно обвинителство ќе донесе одлука за зголемување на бројот на јавни обвинители за гонење на висок криминал, не може закон тоа да надреди, тоа е нивна работа врз основа увидот на јавните обвинители и мислам дека ова не е страшно да се корегира. И втората се вели дека во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката од ставот 1, Советот на јавни обвинители ќе распише оглас, ниту ова не може во овој закон да го пишува, бидејќи не е работа на овој закон, изјави Силјановска Давкова.

Таа додаде:

Бомбардирани сме од инфромации дека се разговара за потребното мнозинство, дека има разбирање за потребата на законот. Процедурата е гаранција за демократија, пратениците треба да се изборат за тоа. Се што е неформално, не води кон демократија, туку кон еден друг систем. Пратениците треба да гласаат по сопствено убедување

Каракамишева: Овој закон е за вдомување на кадрите на СЈО

И професорката Тања Каракамишева-Јовановска, професор по Уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ смета дека Предлог законот е лоша имитација на оној од 2007 година.

Да беше реформски ќе имавме сосема нов закон, а не лоша компилација од претходниот за кој имаше забелешки од Венецијанската комисија и истите да бидат вметнати во овој закон. Полтронско вметнување на одредби од забелешките од 2007 год. Ќе ви дадам еден пример ако, некоја девојка во 2007 побарала мислење од моден креатор за облека, дали после 13 години кога таа е веќе оформена жена би ја носела таа креација. Сметам дека предлагачот го користи овој закон да ги вдоми кадрите на СЈО, рече Каракамишева.

Таа додава дека законот е против уставен и дека во ваква верзија не треба воопшто да се носи, туку да се изработи нов закон.

-Кога сме кај почитување на правото, ме интересира дали за овој предлог на закон е испочитуван Деловникот на Собранието, односно дали овој предлог на закон е официјално доставен до Собранието? Познато е дека за да има јавна дискусија предлогот на законот требал да помине прво читање во законодавно-правната комисија како матично работно тело. Седница на Собранието за прво читање на предлог на закон се одржува во рок од десет работни дена од денот на донесувањето на решението за свикување на седницата, но не подолго од 20 работни дена од денот на доставувањето на предлогот на законот до пратениците. Според член 144 од Деловникот, по општата расправа Собранието одлучува дали предлогот на законот може да се даде на второ читање. Ако Собранието одлучи дека предлогот на законот е прифатлив и може да се даде на натамошно читање се продолжува со законодавната постапка. Според член 145 за предлогот на закон кој е од поширок интерес, Собранието по општата расправа, може да одлучи по тој закон да се спроведе јавна дискусија и да определи матично работно тело што ќе ја организира јавната дискусија. Прашањето ми е зошто не е почитувана деловничката процедура, праша Каракамишева.

Калајџиев: Постапките кои се спорни не може политички субјект да ги воскресне

Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев жостро искритикува дека се смешни и дилетантски одредбите во законот, како и дека продолжувањето на постапките не е нова сезона од серијата „Френдс“.

Тој истакна дека и во овој предлог-закон има неколку нејасни одредби.

-Член 108 од предлог-законот вели дека постапките треба да продолжат. Дали е ова нова сезона на „Френдс“? Зошто обвинителот не го покаже писмото од Катица Јанева? И јас ќе го повикам уште еднаш обвинителот да го покаже писмото, рече Калајџиев.

Тој остро искритикува дека постапките кои се спорни не може политички субјект да ги воскресне.

Според него, во иднина треба да се води сметка кандидатите за овие институции, како претседател на државата, Специјален јавен обвинител, државен јавен обвинител, да бидат луѓе со интегритет.

-Не сакам да се фалам дека јас го кажав прв, но и други знаевме каков обвинител беше Катица Јанева. Тоа беше важно за во иднина да се води сметка за кандидатите за вакви функции, да бидат со интегритет што носи гаранции. Немаше потреба поради инцидентот со Јанева да се закопа обвинителството. Контекстот со независноста во истрагите, истражните центри се позитивна работа. Марко Зврлевски намерно не ги заживеа истражните центри“, рече Кајалџиев.

Според него, законското решение било добро, но требало да остане делот каде има обвинители кои ќе работат на криминали од политичари. Тој во своето обраќање во Собранието кажа дека СЈО било добар концепт.

Колевски: Законот навлегува во овластувањата на обвинителите и сoздава правни празнини

Претседателот на Советот на јавните обвинители Ацо Колевски укажа на низа недоследности, навлегување во овластувањата на обвинителите и создавањето на правни празнини.

Тој вели дека спорна е одредбата од член 108 став 3 од Предлог законот за јавно обвинителство кој исто така предходно не била дел во овој текст.

Според мене право е на Државниот Јавниот обвинител да определи кој јавен обвинител кој предмети најуспешно ќе ги заврши, според новиот предлог на законот вакви ингеренции има и Јавниот обвинител на основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и коорупција. Со оваа одредба се навлегува во доменот на нивните овластувања, од теоретски аспект, во правото на Државниот јавен обвинител и на Јавниот обвинител на обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и од тие причини сметам дека и оваа одредба не треба да биде предмет на регулација, вели Колевски.

Тој истакна дека во однос на член 94 став 1 од предлог законот се предвидува дека Советот на јавни обвинители може да донесе одлука со жалба на странките, односно одлука против одлуката за предлогот за разрешување донесен од страна на комисијата од член 93 став2.

Колевски вели дека проблемот се јавува кога против одлуката на комисијата од член 93 став 2, не е поднесена жалба. Кога е поднесена жалба членот 94 став 1 го регулира ова и кога е поднесена жалба само Советот може да донесе одлука за разрешување, но кога не е поднесена Советот нема правна можност да донесе своја одлука.

Со ова се доведуваме до ситуација на правни празнини кои можат да доведат до комплицирани ситуации, вели Колевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.