Не се знае кога ќе стигнат останатите 194.000 дози од руската вакцина „спутник“ кои Владата ги нарача во февруари во директни преговори со рускиот производител. Македонија, според договорот, треба да добие 200.000 руски вакцини, но досега се испорачани само 6.000 дози, во месец март. Според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК, засега нема никакви најави од руската страна кога ќе стигне нова пратка вакцини.

Од амбасадата на Русија во Скопје на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто досега се стигнати само 6.000 дози и кога ќе стигнат останатите 194.000 од договорот склучен во февруари, одговорија дека вакцините ќе стигнат во предвидениот рок, не прецизирајќи кога е тоа.

Руската страна строго се придржува до своите обврски и планира да обезбеди испорака на вакцините во временската рамка утврдена со договорот. Што се однесува до распоредот за испорака, тој не е предвиден со договорот и е формиран во зависност од производствените можности на руската страна. Амбасадата е во постојан контакт со раководството на Рускиот фонд за директни инвестиции за организација на испораки на вакцини. Се надеваме дека во блиска иднина ќе бидат обезбедени нови пратки на ‘спутник‘ , велат од амбасадата на Русија.

Од Министерството за здравство ни потврдија дека испораките зависат од динамиката на производство.

Очекуваме Фондот за директни инвестиции на Русија да ги испорача вакцините во најкус можен рок, велат од Министерството.

Првата пратка од 3.000 вакцини стигна во земјава на 7 март, а на Скопскиот аеродром ја пречекаа министерот за здравство Венко Филипче и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.

Во април преку донација од Србија, Македонија доби 40.000 дози од вакцината „спутник“ со кои почна масовната вакцинација на критичните групи во земјава во салата „Арена А1 Борис Трајковски“.

Во моментов, вакцинацијата во земјавата се одвива со вакцините на „Синофарм“ и „Фајзер“.

Утре треба да стаса втората пратка од 38.400 дози на „АстраЗенека“ преку Ковакс механизмот, додека в сабота нови 100.000 вакцини „Синофарм“ кои се донација од Кина.

Во текот на мај треба да стасаат повеќе од 40.000 дози на „Фајзер/Бионтек“. Секој понеделник стасуваат по 5.000 до 7.000 дози од директната набавка од производителот и по 4.000 до 5.000 дози донација од Европската унија.

Извор: САКАМДАКАЖАМ.МК

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.