Министерството за образование и наука подготвува целосно нов модел на настава во кој ниту една научна дисциплина нема да се изгуби, туку ќе се смени концептот на кој учениците го изучуваат материјалот. Целта на овие реформи е на ученикот да му даде целосна слика за одреден настан или тема, а ова се постигнува преку интердисциплинарен и интегриран пристап. На овој начин учениците подобро ќе ги разберат и запомнат темите кои ги изучуваат и притоа ќе ги развијат своите аналитички способности, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Споед МОН, досегашниот модел на настава ги учи учениците само на факти и не им овозможува да ги поврзуваат информациите и знаењата од различните дисциплини што ги изучуваат во основното образование.

Ова го докажуваат и ниските рангирања согласно домашните и меѓународни истражувања и извештајот на ОЕЦД за нашата земја. Токму затоа е особено важно да се воведе учење преку истражување, преку кое ќе го подобриме образованието и ќе негуваме креативни и иновативни ученици, велат од МОН.

Новата концепција за основно образование е развојна и се подготвува врз основа на образовните модели што функционираат во повеќе европски земји меѓу кои Словенија, Естонија и Финска. Клучни за промените се и резултатите од меѓународните тестирања, домашните анализи, како и ставовите на наставниците, родителите и учениците, кои даваат јасна слика во која насока треба да оди нашето образование.

Во овој момент во рамки на јавната расправа се дискутира за Концепт на образование, а не за конкретни наставни програми. При изработката на наставните програми ќе бидат поставени очекуваните резултатите од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование, итн). Во овој процес ќе бидат вклучени универзитетски професори, наставници од соодветните области и сите релевантни чинители, додаваат од МОН.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.