Од идентитетскиот бетон на премиерот во заминување и неговите колеги од Владата, освен дополнително омаловажување не добиваме ништо. Ова големо омаловажувачко ништо имавме можност уште еднаш да го чуеме од говорница во Сараево, каде што премиерот во заминување Заев, избегнувајќи да ја употреби придавката македонски, го претстави македонскиот народ како мултиетнички.

Ироночно, македонскиот народ стана мултиетнички, иако не првпат, во говорот во кој премиерот во заминување се заблаговарува за меѓународната награда „Иса-бег Исхаковиќ“, која им се доделува на странски државници за промоција на мирот, толеранцијата и разбирањето.

Според Комитетот за доделување на наградата, премиерот во заминување не само што значајно ги унапредил односите во регионот на Западен Балкан, туки покажал и силно политичко лидерство во контекст на порешително приближување на регионот кон Европската Унија и НАТО.

И така, додека другите во неговите достигнувања гледаат унапредување, ние доживуваме уназадување и погазување на националните чувства, зашто знаеме сите добро, а така и чувствуваме дека мултиетнички можат да бидат државата или општеството, но народот може да биде само македонски, турски, албански, српски….

За да не излезе дека не бил добро разбран или сфатен недоволно сериозно, премиерот во заминување ја повтори оваа навреда и денеска како гостин на изборот на Мило Ѓукановиќ за старо нов лидер на црногорската владејачка Демократска партија на социјалистите.

Во своето обраќање тој им пренесе поздрави на своите левичарски сојузници во Црна Гора од како што рече „мултиетничкиот македонски народ“.

Почитувани, дозволете да ви пренесам топли поздрави од мултиетничкиот македонски народ. Република  Македонија почитува што под раководство на ДПС и Мило Ѓукановиќ ја донесовте независноста на Црна Гора, станавте членка на НАТО и сте лидер во интеграциите на ЕУ во Западен Балкан. Ова лидерство во регионот е изразено преку најголема просечна плата во земјата, лидер во растот на БДП“, посочи мултиетничкиот.

Премиерот во заминување има идентитетски проблем уште од времето кога стана претседател на СДСМ. Во едно од првите интервјуа на новата функција, интервју за „Република“  на 4 јули 2013 година, Заев исто така зборуваше за „двонационален идентитет“. На новонарско прашање поврзано со проблемот што го имаше Грција со уставото име на Република Македонија“ тој кажа:

Не би навлегувал во деталите, но апсолутно, непроменливоста на Уставот значи недопирање на ВО ДВОНАЦИОНАЛНИОТ идентитет на државата“.

(изјавата е на 5.40 минута од интервјуто).

И тогаш како и денес, СДСМ лижеше каде што плукал Заев, па на прес-конференции објаснуваше дека Република не го пренела убаво видеоинтервјуто (?!) и дека всушност рекол „на ВО НАЦИОНАЛНИОТ идентитет на државата“. Очигледно ништо не се променило ниту по 6 години. Освен што идентитетот од двонационален ни „пораснал“ во мултиетнички…

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.