Комисијата за прашања на изборите и именувањата попладнево ја заврши распрвата за предлогот за судија во Уставниот суд Татјана Васиќ Бозаџиева, третиот од вкупно девет кандидати. Седницата, како што најави претседателката на Комисијата, ќе продолжи утре во 14 часот.

За предложената кандидатка за уставен судија денеска зборуваа главно пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои, изнесуваа тези зошто таа не треба да биде избрана на оваа функција, а еден од аргументите беше дека таа е блиска до владејачката СДСМ.

Во Република Македонија се знае дека оние кои се достојни да бидат на едни вакви позиции треба да бидат угледни граѓани. Не може некој кој што менувал функција и позиција на секои шест месеци, кој ги прошетал сите министерства и бил блиско лице од доверба на секој еден министер наеднаш да стане уставен судија. Можеби ја знае добро администрацијата, но не може да биде уставен судија, да правораздава во највиското судско тело од целиот правен систем, рече заменик координаторката на ВМРО-ДПМНЕ пратеничката Ели Панова, според која со ваков избор на кандидати власта покажува дека не сака подобрување на судството.

Пратеникот Панчо Минов кој е дел од парламентарното мнозинство во реплика на еден од говорниците од ВМРО-ДПМНЕ побара од опозицијата да не ги омаловажуваа кандидатите за судии туку да се фокусираат на изборот на уставни судии со цел Уставниот суд да профункционира во полн капацитет.

Пратениците досега ја утврдија кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер, а по завршувањето на расправата за Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, треба да ја разгледаат биографијата и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески како предлози од владејачките партии.

Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.

Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.