Артан Груби потврди дека бил преведувач на Хашкиот трибунал во истрагите за озогласената „Жолта куќа “, во Албанија во 2004, по војната во Косово.

Сепак, според Груби нема ништо спорно во неговиот ангажман, а неговата работа за тој период била транспарентна.
Со слично објаснување за улогата на Груби вчера излезе и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Во интервју за ТВ21 рече дека Груби бил само преведувач и ништо повеќе“ од тоа.

Јас не сметам дека тој бил истражител! Секако дека ја познавал материјата бидејќи наивно би било да кажам дека не ја знаел материјата кога работел како преведувач и одреден период работел со луѓе кои ги правеле интервјуата – изјави Ахмети.

За улогата на Артан Груби со истрагите за „Жолтата куќа“, пред неколку дена први проговорија опозиционерите од Албанија.
Потпретседателот на партијата на Љуљзим Баша, Еди Палока, на прес конференција рече дека Груби бил преведувач, а не лидерот на неговата партија, како што обвинуваа од владејчаката партија на Еди Рама.

Ова вицепремиерот во македонската влада го препиша на загреаната изборна атмосфера во Албанија.

„Жолтата куќа“ за време и по воениот конфликт во Косово беше посочувана како место во кое се правеле операции за вадење органи од заробеници на ОНА. За ова злосторство против човештвото пишуваше екс хашката обвинителка Карла Дел Понте во својата книга во 2008 година, а случајот освен српското обвинителство го истражуваше и специјалниот истражувач на Советот на Европа Дик Марти.
Обвинението на Специјалниот суд во Хаг против косовскиот претседател Хашим Тачи се темели токму на извештајот на Марти, а изјава за случајот беше повикан да даде и лидерот на
ДУИ, Ахмети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.