Под мотото ,Да ја оставиме чиста Преспа за идните генерации бидејќи од нив ја позајмивме, а ја добивме од претходните”, денеска на плажата Претор, започна најобемната кампања за чистење на Преспа.

Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски на прес- конференцијата по повод кампањата „Чиста Преспа, моја Преспа” порача да секој треба да си го исчисти својот двор.

Водени од пораката „Да ја оставиме чиста Преспа за идните генерации бидејќи од нив ја позајмивме, а ја добивме од претходните, денеска на плажата Претор, започна најобемната кампања за чистење на Преспа. И не треба некој друг да почне, од сите нас зависи, секој нека тргне од својот двор, од својата улица, од своето маало. Само така ќе можеме да ја оствариме нашата цел – Чиста Преспа, моја Преспа, изјави Гашаровски.

Актерите Игор Ангелов и Владимир Тулиев се амбасадори на оваа кампања.

Не сум од Преспа, но имам потекло од тука, веднаш ја прифатив улогата да бидам амбасадор на една ваква кампања. Секој дел од нашата Македонија е убав, ајде на почеток да ја исчистиме Преспа, истакна Ангелов.

Кон кампањата и подигање на свеста кај населението и создавање на чиста Преспа се приклучија Марјана Станојковска, Ирена Спировска, Божидар Божиновски, Таско, Бомбакис, Миро Кацаров, Елена Велевска, Татјана Алексиќ, Вера Мештеровиќ, Маја Тино, Бојан Велевски и многу други.

Секој двор да си го исчистиме за да ни биде убав и достоен за да ни дојдат гости. И да не фрламе батерии и пластични шишиња в езеро, зашто нема да се наполнат нит батериите, нит шишињата. Се фрлат во корпа! И кога ќе ни дојдат туристите в година, ќе ги истренираме и тие да ни ја чуваат природата. Преспа ни е една и да ја чуваме луѓе, рече актерот Владимир Тулев – Дончо од серијата „Преспав“.

Она што следува во следниот месец е масовна кампања на чистење на Преспа и подигнување на јавната свест за еколошките предизвици. Општина Ресен има нови диви депонии, целта е на крајот на овој проект да зборуваме за почиста Преспа и за уредено крајбрежје, додаваат организаторите.

Сето ова ќе се спроведе преку еколошки акции за чистење на плажата Стење-Коњско, патеката и островот Голем град, плажата Претор, плажата Черти камен, приодниот парк Езерани, како и екоакции во Ресен за амфитеатарот, домот на културата и др. Ќе има чистење на дивите депонии Дрмени, село Љубојно, село Долно Дупени, село Сливница и други депонии.

Во активностите ни се приклучија скоро сите невладини организации за екологија, Нула Отпад и Пакомак кои ќе постават и дополнителни контејнери за селекција на отпадот. Посебно значење за нас има Мониторинг станицата во Стење за вршење на анализи на квалитетот на водите во Преспанското Езеро и сливното подрачје, која е опремена со своја хемиска и биолошка лабораторија, и на располагање има еко-брод и чамец, а нејзините капацитети веќе се користат за одржување на обуки и работилници.

Сумирањето на резултатите е закажано за точно еден месец, изјави Гошаревски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.