Пандемијата не се смирува а здравствениот систем е речиси пред колапс – бројот на починати на дневно ниво е обесхрабривачки. И додека надлежните постојано се правдаат дека за високата смртност причините се доцното доаѓање на лекар и претходните заболувања, експертите алармираат – проблем е недостатокот на протоколи за лекување но и недостаток на медицински кадар.

Зголемениот број на смртни случаи делумно се должи на фактот што пациентите релативно доцна бараат лекарска помош. Се хоспитализираат во исклучително тешка здраствена состојба. Недостатокот на протоколи има влијание, но сепак недостатокот на медицинскиот кадар од лекар, сестра, болничар има исто така големо влијание. Нашата држава има продукција на висококвалитетен медицински кадар, но сепак миграцијата кон западноевропските земји придонесе да имаме и тоа каков недостаток на кадар, вели за „Алфа“ д-р Владимир Ристовски, специјалист интернист и субспецијалист кардиолог.

Поразителни се податоците на „Covid Data Check“. Македонија убедливо е со највисока смртност од коронавирус во Европа. Од 4 до 17 септември, Македонија е на првото место со 18,4 проценти на смртност. Втора е Црна Гора со 13,4 проценти, па Бугарија со 13,1. Во Србија, процентот е многу помал и изнесува 4,1 отсто.

Здравствените власти постојано апелираат, стапката на вакцинација да се зголеми, и експертите согласни – бројот на заразени и починати ќе се намалува со сериозна имунизација но појаснуваат – за да создадат имунитет нововакцинираните потребно е минимум 2 месеци и тоа зависи од типот на вакцината. Дополнително загрижува лошата клиничка слика на хоспитализираните пациенти. Само во ковид центарот во ГОБ „8 септември“ повеќе од 80% се на кислородна поддршка, а голем дел се на неинвазивна механичка вентилација на Одделот за интензивно ковид лекување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.