На претседателот на Владата, Зоран Заев денеска во Атина му е врачено одликување како признание за неговиот голем придонес во унапредувањето на економските и политичките врски меѓу Грција и Македонија од страна на претседателот на Атинската трговско-индустриска комора, Константинос Михалос.

Претседателот на комората Михалос искажа голема благодарност за посветената работа на премиерот Заев и за неговите заложби за зацврстување и унапредување на економската соработка меѓу двете земји.
На средбата присуствуваа истакнати стопанственици, членови на комората од повеќе сектори како енергетика, индустрија, ИТ индустријата, фармацијата, кои искажаа интерес за инвестирање и за нови вложувања со партнери од Македонија.

Премиерот Заев се заблагодари за честа за доделеното одликување и за укажаното признание и подвлече дека Владата на Македонија континуирано се залага за подобрување на деловниот амбиент и за инвестициски вложувања. Посочи дека надворешно-трговската размена на Република Македонија со Република Грција е значајна имајќи предвид дека Грција континуирано се наоѓа меѓу петте најголеми наши трговски партнери.

Со средбата во Атинската трговско-индустриска комора, премиерот Заев ја заокружи дводневната работна посета на Атина и учеството на Економскиот Форум Делфи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.