По повод денешните шпекулации и ширењето невистини во медиумите околу апсењето високи полициски функционери за кои се тврди дека се негови блиски соработници, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев најави дека во текот на утрешниот ден ќе поднесе соодветни претставки до Советот за етика во медиумите и Советот на честа при ЗНМ.

Ваквото манипулативно известување не само што го разбирам како обид за нарушување на мојот углед, интегритет и професионалност, туку претставува и манипулација со јавноста, со што директно се нанесува штета врз мојот личен кредибилитет и кредибилитетот на Министерството за внатрешни работи, порача Чулев преку „Фејсбук“.

На вчерашната прес-конференција Чулев напомена дека медиумите се партнер во справување со манипулациите и лажните вести, но вели дека таквото партнерство го гледа  исклучиво преку објективно информирање што се заснова на аргументи, а пред сѐ на информации потврдени од соодветните извори.

Како министер силно се залагам за поддршка на слободата на изразување и сум против какви било притисоци и тужби кон новинарите и медиумите, но во исто време очекувам новинарското известување да се заснова на целосно почитување на професионалните и етичките стандарди во работењето. Ниту еден обид за дефокусирање на јавноста преку манипулативното известување на некои медиуми нема да ме поколеба во докажувањето на вистината и во натамошното професионално работење, ослободено од какви било притисоци, уцени и закани. Ова е уште еден доказ дека заложбата на Владата за наводна борба против лажните вести е само декларативна, односно блеф со кој се замајува јавноста, порача Чулев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.