Четири респираторни машини вредни околу 100.000 евра доби државава од НАТО Доверителниот фонд за одговор на пандемија како донација од „Словак еид“. На примопредавањето на донацијата на Меѓународниот аеродром во Скопје присуствуваа словачкиот министер за надворешни и европски работи Иван Корчок, заменик – претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во својство на Национален координатор за странска помош во земјава и министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот Корчок изрази задоволство што денеска е во Скопје и посочи дека почнува еден вид турнеја низ Западен Балкан.

Словачка и Македонија имаат одлични односи. Го поддржуваме вашето залагање за влез во Европската Унија. Ви честитам за досегашните реформи кои ги направивте со цел да си го најдете вашето место во ЕУ. Уште долг пат е пред вас. Јас доаѓам во едно тешко време за човештвото, во време кога сите ние се соочуваме со пандемијата со Ковид-19 и токму во овој период кога сите заедно се соочуваме со губење многу животи треба да го докажеме нашето пријателство. Словачка исто така се соочува со еден тежок период, но ние освен што помагаме на нашите граѓани, тука сме да помогнеме и на другите и затоа во има на Владата на Словачка ви донираме медицински вентилатори од НАТО Доверителниот фонд за одговор на пандемија, рече Корчок и изрази надеж дека респираторните машини ќе помогнат во овие тешки моменти.

Донацијата, потенцира, покажува дека НАТО навистина може да помогне кога е најпотребно.

Им посакувам најдобро на вашите граѓани и им посакувам на сите да останат здрави и безбедни, додаде Корчок.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Димитров изрази благодарност што Словачка го споделува со нас ставот дека е време да ги почнеме преговорите за членство и да ја имаме првата меѓувладина конференција, што е мижно побрзо.

Благодарни сме што Братислава застана на страна на европските принципи во декември, во смисла на европската перспектива на целиот Западен Балкан. Во име на сите граѓани би сакал да се заблагодарам на Владата на Словачка, но и на словакиот народ за солидарноста во оваа време невреме. Ова е трета донација што ни доаѓа од Словачка, добро е да се имаат блиски пријатели. Оваа донација стигна преку системот на НАТО, претходната стигна преку системот на цивилна заштита на Европската Унија. Посебно е добро да се имаат блиски пријатели, истакна Димитров.

Министерот Филипче му се заблагодари за донацијата на словачкиот министер Корчок и посочи дека имаат добра соработка со Словачка во изминатиот период во менаџирањето на кризата, една значајна помош преку различните механизми на колективна безбедност, механизми на соработка во рамките на ЕУ, најпрво донација на маски, лична заштитна опрема и сега четири респираторни машини вредни близу 100.000 евра кои ќе бидат дистрибуирани во болниците каде има најголема потреба.

Ова, посочи Филипче, е еден доказ дека кога вака се негуваат пријателите тогаш навистина служат и се наоѓаат кога е навистина потребно.

Уште една голема благодарност. Верувам дека соработката ќе продолжи и на ова поле меѓутоа и на многу други полиња меѓу двете земји, додаде Филипче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.