Наставниците денеска ќе го реализираат најавениот предупредувачки штрајк, но МОН инсистира настава да има. Директорите вршат притисок, СОНК обврзува, а во најнезавидна позиција се околу 20.000 првачиња и нивните родители.

Да го земам денот што ми следува денес или утре? Ако денеска не ги примат, ќе треба да излегувам од работа и утре, не знам што да правам, вели мајка на прваче за „Република“.

На некои училишни згради е истакнато дека денес ќе има приредба за дечињата кои првпат седнуваат во училишните клупи, но од друга страна пак, професорите сугерираат децата да не се носат на училиште, бидејќи тие ќе штрајкуваат.

Родителите збунети, првачињата разочарани.

Ќе го облечам детето , со нетрпение го чека првиот училишен ден. И што ако го однесам до школкиот двор и треба да го вратам назад?! Каква претстава ќе добие тоа за школството, за одговорност, за образование. Ние сме збунети. Од една страна истакнати списоци, од друга страна наставници кои велат дека нема да работат – коментира мајка на прваче.

Некои родители сугерираат да се почитува одлуката на просветните работници и да не им се врши притисок.

Штрајк во понеделник. Само еден ден. Од вторник настава и приредба и се. Сите треба да бидете солидарни. Секако има притисоци од секаде, ама барем родителите да имаат разбирање и да дадат поддршка – коментираат родители на социјалните мрежи.

Синдикатот за образование, наука и култура вчера соопшти дека ја активира одлуката донесена на 23 август да организира предупредувачки штрајк на првиот училишен ден (2 септември) и наставата да почне наредниот ден (вторник) зашто во изминатата недела со МОН не постигнале заемно прифатливо решение за платите на наставниците.

СОНК: Платите на наставниците да се усогласат со минималната плата

СОНК не се согласува со 5 отсто покачување на платите, кои наставниците ќе ги добијат со платата за септември, и бара да бидат повисоки за онолку проценти за колку што е зголемена минималната плата во државата, односно до 25 отсто. СОНК очекува преговори со МОН до крајот на месецов за да се усогласат, а ако нема напредок можно е да организира генерален штрајк.

Нашиот синдикат ќе штрајкува. Нашите членови и сите други кои не се наши членови, а сакаат да се приклучат кон штрајкот, ќе бидат во штрајк. Тоа значи дека ќе одат на работа, ќе бидат во просторија одредена за штрајк, но нема да ги извршуваат воспитно-образовните обврски и нема да ги прифаќаат учениците дојдени на училиште, рече Неделков, додавајќи дека не е нивна надлежност да укажуваат или апелираат до родителите дали да ги пуштат децата на училиште. Но која е причината, рече, да ги пратат на училиште кога ќе нема кој да ги прифати.

Додаде и дека СОНК нема да биде одговорен за евентуални последици по здравјето и безбедноста на учениците што ќе дојдат на настава.

Ресорниот министер Арбер Адеми, пак, ги повика директорите и наставниците да се подготват за денешниот прв училишен ден, затоа што, како што рече, едукацијата на учениците не треба да има застој, а особено не треба да се дозволи разочарување на првачињата кои првпат ќе седнат во училишните клупи.

На прес-конференција тој порача дека ќе продолжи дијалогот со СОНК за заедно да ги дефинираат сите идни системски мерки за подобар квалитет на наставата и материјалниот статус на наставниците. Притоа нагласи дека МОН е на страна на образовната дејност и на наставниците, а доказ за тоа, рече, е што за 10,8 отсто е повисока нивната плата во септември 2019 во однос на август 2018 година, со двете покачувања од по 5 отсто лани и оваа година во септември.

Со СОНК сме на иста страна кога се рабиоти за материјалниот статус на наставниците за кои предвидовме и кариерен развој и унапредувања со новиот Закон за наставници и стручни соработници. Но нема причина за организирање штрајк. Го почитуваме правото на штрајк, но наше е да апелираме дека нема потреба. Штрајк се организира во услови кога нема решение. Ние нудиме и имаме решение и одлука за повисока плата, рече Адеми, додавајќи дека откако ќе се разгледаат сите параметри во Буџетот, ќе се знае и за можностите за идно покачување на платите.

Новата учебна година со нов Закон за основното образование

Новата 2019/2020 почнува со нов закон за основното образование кој се подготвуваше уште од почетокот на 2018 година, а беше изгласан на 30 јули.

Според предлагачот – Министерството за образование и наука, новиот закон ќе го подобри квалитетот на наставата и воопшто на воспитно-образовниот процес, зашто им дава повеќе можности на учениците особено на тие што се со посебни образовни потреби. Новини во законот има во организирањето на учениците во Заедница на паралелка и Ученички парламент, исхраната на учениците, воведувањето стручни наставници за предметот спорт, елиминација на политичко влијание во училишните одбори, намалување на бројот на ученици во паралелки (од 20 до 30),  саботи слободни од обврската да се одработуваат пропуштени наставни денови, кариерен развој на наставниците…

Бројот на часови не се намалува зашто МОН ги слушало препораките на  ОЕЦД и УНИЦЕФ чии анализи покажале дека македонските ученици имаат 900 часови помалку или една и пол година помалку образование од нивните врсници во европските земји. Покрај тоа, покажуваат и слаби резултати на меѓународни тестирања.

Меѓу најзначајните новини е инклузијата на учениците со посебни потреби во редовното образование. Законот предвидува нивно целосно вклучување од учебната 2022-2023 година кога посебните училишта повеќе нема да запишуваат ученици и тие установи ќе прераснат во основни училишта со ресурсни центри кои ќе помагаат за спроведување целосна инклузија во редовните училишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.