Премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил објави фотографии од „координативен состанок на стратешкиот тим за европскиот пат“.

На фотографиите се гледа дека со Ковачевски на иста маса седат поранешниот лидер на СДСМ и премиер, Зоран Заев, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, што би требало да биде демант на информациите во јавноста дека оваа тројка не е во добри меѓусебни односи.

На состанокот, според фотографиите, присуствуваат и генералниот секретар на партијата, Миле Зечевиќ, професорот на Економскиот факултет и поранешен пратеник и партиски функционер, Игор Ивановски – Шема, шефот на кабинет на премиерот Мартин Попов, како и организациски секретар во СДСМ, Митко Трајчулески.

Ковачевски во објавата вели дека СДСМ има долгогодишно државничко и партиско искуство, посветеност и полна енергија да продолжи со победа и брз чекор по европскиот пат.

„Денешниот координативен состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030 година“,пишува Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.