Пред неполни три години „Република“ разговараше со Драги Арсов, првиот потпретседател на македонското собрание, кој денеска замина. Почина на 82-годишна возраст.

„Република“ интегрално го објавува едно од последните, а можеби и последно интервју на Арсов дадено за македонските медиуми.

Седумдесет и деветгодишниот Драги Арсов е жив сведок и еден од директните учесници во процесот на остварување на вековниот сон на Македонците за создавање слободна и независна држава. Арсов беше пратеник и потпретседател на Собранието на Република Македонија по првите повеќепартиски избори во 1991 година, а ќе остане запишан во македонската историја како потписник на декларацијата за независност. Во периодот од 1998 година до 2002 година извршуваше функција заменик-министер за информации, а по завршување на мандатот заминa в пензија. Денес, на дваесет и петгодишнината од прогласувањето на независноста, Арсов со големи емоции се потсетува на тој историски период и предупредува дека опасноста за независна Македонија не е надмината затоа што сѐ уште не се поразени наследниците на комунизмот.

Како човек што беше инволвиран во процесот на здобивање независност, можете ли да ги издвоите главните пречки на патот до остварување на сонот?

АРСОВ: Според мене, главната пречка за остварување на сонот – независна Република Македонија, не е надмината затоа што ние како партија ВМРО-ДПМНЕ за време на првиот состав на парламентот не успеавме да ги поразиме наследниците на комунизмот, односно партиите што произлегоа од поранешниот СКЈ. Јас сум жив сведок и тоа сега го кажувам за да знае јавноста дека поранешниот систем на Македонија не падна поради гласовите од албанските партии. Тие се здружија со наследниците на комунизмот и беа и останаа во историјата како причина да останат на поранешниот пројугословенски трансформиран поредок. Партијата ВМРО-ДПМНЕ, иако имаше најмногу пратеници во парламентот, не успеа да издејствува победа. Тито висеше над нашите глави и ликуваше над нашата немоќ да ги поразиме титоистите на чијашто страна беа и пратениците од албанските партии.

Како беа надминувани конфликтите со тие сили што сакаат Македонија да продолжи во осакатената Југославија?

АРСОВ: Никако! Наследниците на комунизмот, односно тие што произлегуваат од поранешен СКЈ, ниту тогаш, ниту сега сакаа независна Македонија. Тие со сите сили се бореа за опстанокот на Југославија, тие што беа препознатливи како пројугословенски натрапници гласаа против секаков предлог што имаше национален белег. Без срам и перде чествуваа сѐ што беше пројугословенско. Потврда за тоа е и референдумското прашање со „опашката“ за сојуз со југословенските држави. Тие ја бранеа спогодбата Глигоров – Изетбеговиќ за спас на Југославија. Тие не сакаа ни национални белези (грб, знаме), ни национална армија, валута (прифатија денар бидејќи е поблизу до југословенскиот динар) иако ние предлагавме статер, монета со национален древен македонски белег. Не прифатија ни македонска репрезентација. Дури не сакаа да ја менуваат ни петокраката на грбот сѐ додека не беа надгла­сани во парламентот.

Некои место „Денес над Македонија се раѓа“ ја претпочитаа „Хеј Словени“. Дел од нив и денес сѐ уште се во политиката и говорат за Македонија како за нивно дело.

АРСОВ: Тоа е тоа што најмногу го боли македонскиот народ. Тие што беа против независна Македонија, подоцна се чукаа во гради прикажувајќи се како градители на Македонија. Јас сум жив сведок како прв потпретседател на Собранието на Република Македонија, кога во кабинетот на Стојан Андов, Тито Петковски, Киро Глигоров и тогашниот претседател на Собранието се подбиваа што се залагав за независна Македонија. „Како вие од ВМРО-ДПМНЕ ја замислувате независна Македонија со своја армија, репрезентација итн. Вие знаете ли што е тоа армија, па дури предлагате и македонска валута статер!“ Кога реков дека Словенија и Хрватска се веќе независни и одвоени од Југославија, тие ми одговорија дека нема долго да бидат независни и самостојни. На моето прашање – па кој ќе ги спречи, тие одговорија: „Ќе ги спречи ЈНА“. ЈНА е таа сила што ќе ги врати во Југославија! Ете тие сега се прикажуваат дека ја создадоа независна Македонија. Тие што уште на почетокот на првата седница на Парламентот ја пееја на цел глас химната „Хеј Словени“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ напуштија, а потоа влегоа во парламентот за потоа со гордост да ја пееме македонската химна „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“.

На декларацијата за независност стои Ваш потпис, а не на тогашниот претседател на Собранието. Како дојде до таа ситуација и зошто решивте Вие да ја преземете одговорноста?

АРСОВ: Веднаш по влегувањето во парламентот, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се залагавме да се прогласи независна држава Македонија. Словенија и Хрватска веќе го направија тоа и водеа војна со ЈНА за својата независност. Македонија чекаше, а ние пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги имавме в раце веќе донесените и усвоени декларации за независност на Словенија и на Хрватска. Јас ги користев текстовите на тие декларации кога ја подготвувавме македонската предлог-декларација за независна Македонија. Во мојата канцеларија, тогаш кога ги подготвувавме текстовите, од кабинетот на Киро Глигоров ни праќаа политички комесари со задача да нѐ контролираат. Го пречекавме Димитар Мирчев со порака од Глигоров дека треба да има увид во тоа што го правиме. Најпосле, немаше време, декларацијата за независност беше подготвена под силно влијание на македонската јавност. Стојан Андов тогаш не беше подготвен да ја потпише, одеднаш исчезна, го немаше. Во негово отсуство јас како потпретседател на Собранието на Република Македонија ја потпишав и се гордеам со тоа што јас го направив во мое име и во името на ВМРО-ДПМНЕ. Додека постои независна Македонија ќе стои и мојот потпис под декларацијата.

Можеше ли Македонија да направи повеќе во првите 25 години, со оглед на околностите под кои ја здобивме независноста и имајќи ги предвид домашните и надворешните противници на независна Македонија?

АРСОВ: Не! Ние не можевме да се бориме со шлеперот (што гази жаби) што ја уништуваше Македонија. ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да биде соучесник во таквото уништување и затоа нашата партија ги бојкотираше вторите парламентарни избори. Уништена Македонија – тоа е резултатот на тие сили што станаа челници по повлекувањето на ВМРО-ДПМНЕ. Тие челници го уништија стопанството со приватизацијата, создадоа армија невработени. Тие челници со тупаницата (смрт на фашизмот – слобода на народот) покажаа на дело дека почна да се применува флоскулата од социјалистичкото време „фабриките на работниците, парите за нас“. На крај нѐ уверија дека не само парите,туку и фабриките станаа нивни, а работниците останаа на улица. Македонија стана уништена и потчинета, таа беше немоќна и пред странските сили, кои ја ограничуваат нашата слобода. Нема напредок со „шарената револуција“ и со враќањето на поранешниот поредок, кој се покажа како окупаторски, а не како ослободителен за Македонија.

Ќе беше ли поинаку доколку пројугословенските сили беа послаби?

АРСОВ: Ќе беше! Нашата најголема грешка е изборот на Киро Глигоров за претседател на Македонија. Без него и доколку ВМРО-ДПМНЕ победеше на изборите, доколку тие избори не беа контролирани од УДБА, од полиција и од војска, ние ќе бевме како сега што се Словенија и Хрватска. Токму челниците беа ненационално ориентирани и тие пројугословенски сили не сакаа независна Македонија. Тие сакаа враќање на стариот поредок и враќање на Југославија, а за тоа сведочат и сегашните Титови сили и Титовата тупаница на нивните гради. Претставниците од социјалистичката Македонија во сојузните југословенски органи во Белград последни ги напуштија функциите. Додека сите словенечки и хрватски функционери се вратија во Словенија и во Загреб нашите останаа во Белград, таму живеат и денес. Интелигенцијата гледаше сеир од страна и го основа ВМРО-ДПМНЕ без искусни кадри што можат да го урнат системот. Точно е дека ВМРО-ДПМНЕ не го урна, но го разниша тој систем така што денес, пред новозакажаните избори, веќе испушти душа. ВМРО-ДПМНЕ, сепак, се наоѓа пред нова победа.

Четвртина век по осамостојувањето, сметате ли дека денес Македонија ги надмина опасностите од губење на својата самостојност и од распаѓање на државата за која со векови се бореле нашите предци?

АРСОВ: Тоа е мое прашање! Македонија е неуништлива и никој не може да ја уништи. ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот народ го разбудија џинот Македонија. На тој џин веќе никој не може да му го уништи идентитетот. Македонија отсекогаш била и ќе биде Македонија. Таа има своја митологија и теоним (Македон) според кој земјата се нарекла Македонија, населението Македонци, јазикот македонски, има своја свест за припадност. Жителите уште од митолошко време биле свесни дека се Македонци, а својата земја ја нарекле Македонија според теонимот Македон како што тоа го потврдуваат и многубројните антички сведоштва. За постоењето на Македонија сведочат и многубројните споменици од минатото и од денешнината. Тие се симболи на тоа што не може да се уништи. Залудни се „шарените револуции“ заедно со соросоидите и со СДСМ (како југословенско ѓубриво), залудни се напорите на НАТО и на ЕУ, на американската и на други амбасади да се уништи Македонија, нејзиното име и нејзиниот идентитет. Но таа е неуништлива. Македонија постоела, постои и ќе постои не само за тие што се бореа со векови за неа, не само за нас, туку за век и веков.

Колку се опасни за Маке­до­нија остатоците од уд­баш­ките служби, чиишто поранешни припадници и соработници и денес ја поткопуваат државата?

АРСОВ: Македонија ќе ги надживее сите опасности бидејќи поранешните удбаши и полициски сили испуштаат душа. Ирационална е нивната борба, ако си за Македонија, значи дека си против уставниот поредок на Југославија. Со сите пресуди, кодошења, затвори и убиства, борбата за независна Македонија не беше запрена, таа траеше и ќе трае. Желбата за независност не може да се победи. Остануваат само срамните надежи на тие што сонуваат дека со парите на Јуда ќе направат нешто. Дека со тие пари (од Сорос и од странските амбасади) ќе ја предадат и уништат Македонија. Но вистината за Македонија е неуништлива, неуништливи се нејзините сведоштва од минатото (вклучувајќи ги и спомениците од плоштадот). Нив никој не може да ги урне и уништи. Ни со УДБА, ни со Сорос, ни со СДСМ, ни со „шарена револуција“, Македонија не се уништува. Тие можат само да ја поткопуваат државата Македонија, но не и да ја уништат. Македонија е неуништлива, неуништлив е и македонскиот идентитет. Македонија настанала истовремено и со својата митологија, со својот теоним, со своето име, јазик, свест за припадност и со територија наречена Македонија. Тоа се елементите на идентитетот на македонскиот народ и на неговата историја. Тие елементи на идентитетот биле и ќе останат засекогаш како сведоштво за македонскиот народ.

 

Разговараше: Ненад Мирчевски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Драги Арсов е објавено во 210. број на неделникот Република, 9.09.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.