Не си жртва, туку сама си се сликала по танга и ликот што си го објавила. Еве син ми е ИТ инжиниер видел така што си барала си нашла – вака гласи коментарот на една жена на социјалните мрежи, судејќи и на, со право би рекле, храбрата Ана, која јавно проговори дека е жртва од случајот Јавна соба.

Што барала, а што си нашла? Зошто девојката виновна за тоа што е злоупотребена нејзина фотографија? Што се сликала во бикини на плажа? Што отишла на плажа во костим за капење? Што објавила фотографија на социјалните мрежи. Можеме да судиме дали изгледа вкусно или не, да кажеме дали ние би објавиле таква фотографија или не, но да судиме, во никој случај не.

Што предизвикува коментарот на жената, која самата кажува дека е мајка, дека има син? Страв кај жртвите дека ќе бидат осудени од општеството, страв дека некој ќе им се сити и најбитно страв дека нејзините родители може да ја имаат истата осуда кон неа. Жртвата ќе молчи, ќе тоне во депресија, во изолирање, ќе се бори со сопствената психа, и не се знае кој ќе победи во таа битка. Истовремено таквиот непромислен коментар ги охрабрува оние кои вознемируваат, кои влеваат страв и срам кај жртвите – си го бара, ќе си го добие, тоа што го бара сега ќе и го дадам.

Влатко Васиљ за „Јавна соба“ напиша:

Се изначитав милион поделени мислења во врска со актуелноста на „Јавна соба”. Пред се, искажувам голема поддршка за храброста на девојката што искочи јавно да говори како жртва од овој сканадал што ни најмалку не е мал и наивен. И секој нормален и разумен човек треба да дае поддршка и го крене гласот за неа и другите жртви, во свое име и во име на своите женски роднини и пријатели.
Во никој случај критиката не смее да биде кон жртвата, туку мора да биде само и само кон предаторите и притисок кон институциите за брзо делување.
За жал, читам и многумина го релативизираат и се кријат зад ставот на (не)свесна оправданост на мањаците со – „ама она сама си објавува такви голи слики, јавни се.” Да, објавува. И?!
Жената треба да се гордее со своето тело и има целосно право како сака да се облекува, како сака да се слика и кај сака тоа да го праќа ама никој НЕМА право тоа да го злоупотребува и користи против неа!
Институциите мора брзо да реагираат, а јавноста треба безусловно да ги поддржува и брани жртвите од забегани предатори и мањаци во различни форми и делувања!

Имаме високата толеранција на гадости,  им молчиме упорно

Дел од оние што коментираат сметаат дека се работи за полнолетни девојки кои не можат да бидат жртви. Дали? Дали жена која е силувана само затоа што на некој болноумен му изгледала секси и фатална во тесниот фустан што го носи не може да биде жртва? Дали девојка која е средена со тесни фармерки и длабоко деколте биде нападната од манијак на улица не е жртва затоа што веќе наполнила 18 години?!

Јавна соба, пак! Исто како лани ова време. Дел од проблемот е институционален, дел во нас.
На вести имаше прилог од жртва кој пријавила веќе. Од мвр и рекле не можат ништо затоа што е над 18 години! Има и други жртви кои пријавиле, а мвр се вади на Телеграм дека не соработуваат. Веќе според скриншати во групата има потерници и закани за тие што пријавиле, се бараат слики и адреси што може да доведе до страшни последици (не дека самиот чин е помалку страшен). Минатата година мвр го пронајде човекот што беше сопственик на групата, дури го имаше и на тв. Се вадеше со то што била за забава па излегло од контрола. Судска завршница за тоа нема! Ако нема ни за ова ќе продолжат вакви групи и гадости.
Нашата грешка е молкот, недоволната поддршка, високата толеранција на гадости. Меѓу нас има луѓе кои се спремни да пуштаат слики од други, кои се спремни да ги нарекуваат жртвите “курви”, “сама си го барала”, “шо барала да пушта”. И им молчиме упорно. Ова не е нешто што се случува некаде далеку. Ова им се случува на наши блиски, на пријателки, на познанички, роднини. Ако институциите ги оставаат сами ние треба да сме тука за нив. Интернетот е моќна алатка која може да се употребува за зло, но може и да се употреби да се помогне некому. Бидете од вторите, не е тешко – пишува Божидар Божиновски на социјалните мрежи.

Жртвите се тие што се поважни овде, нив треба да ги поддржиме

Ќерката на актерката Весна Петрушевска беше жртва на педофил. Девојче прелажано однесено во подземни гаражи. Весна јавно проговори за проблемот. Онака како што треба да се постапи за да се стави крај на слободата на болните умови.

„Јавна соба“ е дијагноза на нашето живеење, собрани мажиња насилници зад тастатура, примитивци и недоветни! Ајде девојчето што храбро излезе и проговори, па и на тоа уште коментираат полусветови и неписмени. Да почитувате жена се учи од дома! И да, кривично дело е тоа што го правите во вашата бедна јавна соба. Да биде уште пострашно се соблазнувате на фотографии кои ги „собирате“ демнејќи над профили.Осамени, бедни и напуштени! Тоа сте вие! – напиша таа.

Изговорот дека сликата е поставена јавно на профилот не го оправдува преземањето и манипулацијата. Во еденкоментар на социјалните мрежи девојка коментира:

Луѓето што немаат никаква почит и се со низок морал секогаш ќе најдат „причина“ зошто го направиле тоа. Можеби ако ние жените почнеме вака да објавуваме и коментираме нештата ќе се променат. Апел ако ги познавате дечкиве ставајте слики ….

Ина Многуфина за Јавна соба вели:

-Случајот јавна соба го потенцираше се она од што ова општество си пати. Кршење доверба, препраќање на сликата која ја добил во некои убави времиња, ради праење фраер, но најмногу поради понижување. Таа слика доаѓа до групата и тука една болна група педофили и дркаџии, можеби доволно паметни да отворат порно сајт но сепак форплејот да се напалат на некоја што знаат дека е тука околу нив, која ќе ја понижуваат пред останатите, за која ќе се јачаат “што би и праел”, во рл обично ништо не знае да напраи ок, тој начин на фиксација ги пали. 15 годишна ги пали. Некои од нив со фамилии со толкави деца. Некои жени се во брак со тие мажи, можеби и не знаат за какви говеда станува збор. Но, генерално, таа стока, тие парчиња дегенерици, се оние кои гласно понижуваат жени, кои вечно ги гледаат ко секс објекти или така коментираат. По начинот на кој еден маж опишува некоја жена можеш многу да кажеш. Не би се бавела со нив, ќе си се бави МВР. Жртвите се тие што се поважни овде, нив треба да ги поддржиме. МВР да си се фати за работа, да ги регистрира и да си ги бара идните силувачи и педофили во групата!

Законски измени веднаш – да се следи развојниот тренд на социјалните мрежи

Не, проблемот не е што 28 годишна девојка објавила своја фотографија во костим за капење. Проблемот е нашето општество, проблем е сфаќањето дека жената е виновна за се, дека таа предизвикува и сама си го бара. Проблемот е што на жртвите се гледа како на виновници. Затоа силувани девојчиња кријат, затоа деца молчат дека некој роднина, компија ги допиал и ги галел, затоа жртви посегнуваат по својот живот.

Не е проблем што девојката објавила своја фотографија на свој профил. Проблемот е што законот им дозволува на умноболни да ги злоупотребуваат таквите фотографии и притоа да одговараат. Проблем е што законите во Македонија не го следат развојниот тренд на социјалните мрежи и булингот што произлегува од сето тоа. Проблем е што никој јавно не говори од потребата на законските измени.

И на крајот – што е со објавата на лични податоци. Дирекција за заштита на лични податоци, дали се слушаме!?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.