Нашата црвена линија се науката, традицијата, културната меморија, велат од Глас за Македонија, од каде даваат целосна поддршка на „Македонскиот манифест“ на МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ.

Ви го пренесуваме во целост нивното соопштение:

Нашите црвени линии во спорот со Република Бугарија и со било кој ирационален спор во иднина кој зафаќа во нашиот автохтон идентитет и јазик, се исцртани единствено во сериозните општествени и хуманистички науки, во светската и наша лингвистика, во нашата религиска традиција и културна меморија. Само тие сведочат со аргументи и проверливи факти за единственоста, просторниот и временски континуитет на македонскиот посебен идентитет и македонскиот јазик.

Нашите црвени линии се поставени и на линијата на меѓународното право каде врвна норма е правото на самоопределување на секој народ.

Да не дозволиме политички партии поради себе оддржување, на сила, со историски погубни постапки, со крајно сомнителни личности вклучени во преговарачкиот процес, да излезат вон општо прифатените научни, културолошки и меѓународни норми. За нашиот идентитет и за сите негови атрибути, вклучително јазикот, за нашите малцинства вон границите, не смее да се преговара. Тие се реалност и никако не смеат да бидат предмет на уцени.
Нашиот пат кон ЕУ не смее да биде оптоварен со бесмислени уцени. Тој пат се изодува единствено со почит на цивилизациските норми и вредности. Со нив не смее да има никаков компромис.

Ниту анекс договор, ниту патоказ за имплементација за Договорот со Република Македонија, дури ни референдум за овие прашања, не прифаќаме. Нема да дозволиме инженеринг на нашата нација, историја, јазик и култура

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.