Управниот одбор на Здружението на новинари на Македонија, на чело со претседателот Младен Чадиковски го избраа поранешниот претседател на тоа здружение Насер Селмани за член на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

ЗНМ го предложи својот долгогодишен претседател Насер Селмани за член во АВМУ, објави агенцијата „Мета“. На повикот на ЗНМ се пријавиле петмина кандидати, а Управниот одбор на здружението со шест гласа „за“ и три „против“ донел одлука да го предложи Селмани за член во регулаторното тело.

Според дел од членовите со кои разговараше „Мета“, спорно е дали актуелниот претседател Младен Чадиковски има направено договор со Селмани, кој во улога на претседател на ЗНМ на заминување, отворено лобираше меѓу членството за Чадиковски, во замена за лобирањето, Селмани да добие место во Советот на АВМУ.

Актуелниот претседател Чадиковски негира дека има договор меѓу него и Селмани, кој како награда за лобирањето би го добил местото во Советот на АВМУ.

Не постои таков договор. Предлогот не е мој, туку на Управниот одбор. Сакавме да дадеме еден предлог за да се задржи истиот начин на комуникација со институциите, а и да го избегнеме лобирањето. Политички не калкулираме бидејќи ние сме новинарско здружение. – изјави Чадиковски за „Мета“.

На прашање дали со само еден предлог, ЗНМ би можело да го загуби местото во АВМУ, Чадиковски рече дека не мисли дека тоа може да се случи.

Тоа би предизвикало штета по угледот и на Собранието и воопшто по угледот на државата во ЕУ и меѓународната заедница, доколку се случи да не биде прифатен предлогот на ЗНМ – вели Чадиковски.

Со одлуката на Управниот одбор на ЗНМ, овој предлог ќе го разгледува Комисијата за прашањата на изборите и именувањата, според законот, е должна да организира јавна расправа за кандидатите кои ги исполнуваат условите. На расправата ќе ги покани организациите кои дале поддршка на кандидатите, други медиумски и професионални новинарски организации, невладини организации од медиумската сфера и други релевантни субјекти.

ЗНМ е само еден од повеќе овластени предлагачи, што значи може да биде прифатен или одбиен. За конечната предлог-листа на кандидати за членови на Советот, Комисијата одлучува со двотретинско мнозинство. Потоа, Собранието на Република Македонија ги именува членовите на Советот со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.