Што се случи со поддршката која ја имаше СДСМ на последните избори – локалните, кога Македонија буквално беше обоена во сини. Сега во коалиција со 31 партија не успеа да ги обезбеди бројот на гласови кои ги имаше пред само година шест месеци. СДСМ и коалицијата на локалните избори имаат освоено 415.726 гласа. На ова треба да се додадат и гласовите на ДУИ  89.617 гласа, како и дел од гласовите на Движењето на Беса, која тогаш освои 46.464 гласа, како и гласови на ДПА. На овие избори 31-на политичка партија заедно се обединија и поддржаа заеднички кандидат – Стево Пендаровски. Тоа значи далеку повеќе партии од оние кои оваа партија ги имаше на локалните избори – 22 партии тогаш беа во сојуз. Дел од оние кои го поддржаа Пендаровски на овие избори беа во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на претходните избори.

Но ваквото здружување не само што не му обезбеди повеќе гласови на Пендаровски за разлика од гласовите кои ги имаше на претходните претседателски избори 2014 година, туку му донесоа и далеку помалку гласови отколку што СДСМ освои на локалните избори пред година и половина. СДСМ и ДУИ на Локалните избори 2017 година заедно освоија околу 505.000 гласа. Тука не влегуваат гласовите на ДПА и на дел од БЕСА, кои ја зголемуваат оваа бројка. Пендаровски вчера освои 323.846 гласа.

Каде отидоа тие 200 000 гласа? Што се случи? Каде отидоа гласовите од референдумот – дури околу 300.000 помалку…

Време е за будење! По вечерта на сериозни пораки, утрово кај секој од нас одзвонува една единствена мисла….
Гласачите на Мицковски се тука. Ги нема гласачите на СДСМ ! Дури околу 300.000 помалку од референдумските..Не е време за загревање на страстите… не е време за отстрели…не е време за вперување прст…има кога и каде…
Овие две недели да ги посетиме нашите гласачи, да ја слушнеме причината за нивното незадоволство – коментира на фејсбук член на СДСМ.

Аналитичарите велат дека народот му кажа НЕ на Зоран Заев и СДСМ. Не заради Преспанскиот договор, не заради промената на Уставот. Туку за политиката која ја води, за состојбата во која се наоѓаат граѓаните… За повисоките даноци, за непотизмот, беспарицата, неостварените ветувања.

Пендаровски вината ја гледа во тешките политички одлуки кои ги донела владата на СДСМ – договорот со Грција, договорот со Бугарија и Законот за јазиците, кои не биле популарни кај граѓаните, но тоа било неопходно за европскиот пат на земјата.

Ние ја разбираме пораката од граѓаните, а тоа е дека некои од нив не се задоволни од одредени економски проблеми, локални нерешени прашања, затоа што зад мене застанаа политички партии и можеби незадоволството се должи на нешто што го очекувале граѓаните, а не го добиле од политичарите. Не сум изненаден од резултатот и анкетите покажаа вакви тенденции, но, сепак, се надевам дека гласачите ќе го препознаат мојот концепт и ќе ми ја дададт поддршката во вториот круг- рече Пендаровски.

Сепак, граѓаните не се согласуваат. Велат вината треба да се бара во неостварените ветувања.

Да ги прашам сега сдс, какво е чувството од 415.000 за локални избори да треснете под 250.000 гласачи? Се сеќавате што ви реков? Со оваа политика и оној лажов на чело на сдс на следните парламентарни избори ќе имате помалку од 20 пратеници. Еве памтете, само продолжете.
За Мицкоски, традиционалните гласачи ве гласаа, ама неопределените и оние тврдо против промената на името не. Ќе ви требаат многу нови лица за да ги придобиете на ваша страна, а за тоа кондицио сине ква нон е конзистентна и јасна политика без двојни игри и поделби, јасен став за прашањето за името, а не двоумење како Силјановска кога ја прашаа дали ќе го потпише преспанскиот договор. Посебно ќе треба одлична и јасна изборна програма со јасна цел на каде ќе се движи Македонија – пишува бизнисменот Роберт Милески.

ВМРО-ДПМНЕ со кандидатката која ја поддржуваат, Гордана Силјановска Давкова, освоија 319.240 гласа. Ако се земе в предвид дека дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ повикуваше на бојкот и бојкотираше, ако се земе в предвид дека е намалена коалицијата за разлика од локалните избори – кај ВМРО-ДПМНЕ нема значителна промена.

Опозицијата победи во првиот круг. Народот и кажа не на владејачката партија. Слаба излезност, помалку гласови за СДСМ, ДУИ, ДПА – партиите на власт. Гордана Силјановска и Блерим Река како кандидати на опозициони партии освоија околу 400 000 гласа или поточно, од досега пребројаните 399.155 гласа. Власта со 31 политичка партија доби 323.846 гласа – 75.309 помалку од опозицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.