На прашањето дали имало ученици кои не можеле да ја следат онлајн наставата, од основните училишта одговориле дека овој процент бил над 80, а кај средните 68 проценти. На прашањето дали училиштата имаат технички можности за следење на онлајн наставата дури 78 проценти кај основните училишта одговориле негативно, а кај средните овој процент е 61. Информатички познавања имаат само 11 проценти кај наставнициите во основните училишта – делумни познавања 58 проценти, ова е заклучокот од истражувањето на тимот на Народниот правобранител.

Родителите навеле дека негативно во онлајн наставата било преголемото оптеретување за родителите и дека го немала истиот ефект како класичната настава, а како позитивни мислења биле одговорите на дел од родителите кои рекле дека оваа настава се покажала поинтересна особено за оние ученици кои биле пасивни во редовната настава и дека со поголем вложен труд од сите инволвирани страни ефективно се реализирала наставата.

Во однос на психолошките ефекти кои се јавиле кај децата како последица од изолацијата и изменетите услови на живеење, родителите каја своите деца забележале низа негативни психолошки реакции како: збунетост, стрес, ансиозност, страв, нервоза, непослушност и блага агресивност.

Народниот правобранител во анализата заклучува дека влијанието на пандемијата од Ковид-19 врз наставата генерално, ќе има долгорочни последици, врз сите деца, вклучително и врз децата со попреченост и затоа бара од Министерството за образование и наука да се раководи од најдобриот интерес на детето.

Од Бирото за развој на образованието се бара да ги ревидираат и скратат наставните планови и програми , да се обезбедат услови за дигитализација на наставата која ќе биде достапна за секој ученик и да се обезбеди потребна ИКТ опрема и стабилен интернет во училиштата.

Целиот извештај изготвен од канцеларијата на Народниот правобранител е доставен до Министерството за образование. Анкетата е спроведена од јуни до август 2020 година, преку Прашалник кој бил доставен до вкупно 72 училишта, (41 основно и 31 средно училиште) .

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.