Жителите од критичните реони во село Нов Истевник и Стар Истевник зафатени со големиот пожар треба да се евакуираат во градската средина.

Поради алармантната состојба на теренот, неконтролираното ширење на пожарот и силниот ветар, а со цел да не се загрозат човечки животи, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, потенцира дека е неопходна евакуација на жителите од селото Нов Истевник заедно со сите селски маала: Пасјак, Балабанци, Курачко Маало, како и на жителите од селото Стар Истевник.

Апелирам жителите да бидат крајно внимателни и да не се движат во критичните реони. Поради неконтролираното ширење на пожарот се предупредуваат и жителите на с. Тработивиште да бидат крајно внимателни и да ја следат состојбата со цел брза реакција доколку пожарот земе посилен замав во атарот на селото – изјавиТрајковски.

Жителите од споменатите маала моментно спасуваат што може да се спаси од пожарот кој веќе навлезе и во селото Стар Истевник.

Како што информира Васил Маневски жител на село Тработивиште, зафатена е и месноста Браниград, а пожарот неконтролирано се движи кон село Тработивиште.

Во огнената стихија забележливи се и хеликоптери кои учествуваат во гаснењето, додека на терен се и преку 100 луѓе кои даваат теренска поддршка за гаснење на најголемата огнена стихија која како што велат жителите досега не е запаметена во делчевско.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.