За загадувањето на воздухот направивме контрола во Скопје на скоро сите субјекти од големата индустрија како што се Макстил, Цементарница, Дрисла итн. Скоро секаде има направено мерења согласно А-интегрираните еколошки дозволи. Инаку, секоја година во планот за надзори ни се предвидени овие компании, обично во декември и јануари. Немаше отстапувања во однос на зададените параметри во интегрираните еколошки дозволи. Дел од нив имаат и сопствен 24-часовен мониторинг како што се Цементарница, Дрисла и Макстил, информира в.д. директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски.

Тој на прес-конференцијата се осврна и на Предлог-законот за инспекциски надзор во животната средина, што сега влегува во завршна собраниска процедура после цели пет години.

Ново во предлог-законот е воведувањето на повеќегодишно планирање на инспекцискиот надзор во животната средина, со што ќе се обезбеди инспекциски надзор на целата територија на Република Македонија, односно на централно и локално ниво, преку донесување на Национална стратегија и Програма за инспекциски надзор во животната средина.

Законот е во насока на надминување на сегашните предизвици со човечките ресурси, соодветно планирање и соработка со инспекцискиот надзор на централно и локално ниво во согласност со политиките за животна средина, а воведено е и планирање засновано на критериуми за процена на ризикот кој го имаат субјектите на надзорот врз животната средина.

Согласно годишниот план за вработување на ДИЖС за 2022 година со Министерството за финансии се планирани шест нови вработувања и тоа три помлади инспектори за води природа како и три административни работници. Во завршна фаза се и двата огласи за прием на советници инспектори за животна средина во Куманово и во Велес. Согласно систематизацијата имаме предвидено 41 инспектор, пополнетоста во моментот е околу 48 отсто, значи околу 20 инспектори. Потребни се нови инспектори, но бидејќи оваа година имаме обезбедено средства само за толку вработувања – за тројца инспектори, ние побаравме да се вработат тие за да можат, бидејќи постоечките инспектори веќе се во зрели години и пред заминување од оваа институција – пензионирање за да има време да ги обучат барем тие двајца млади па потоа за наредната година 2023 да планираме дополнителни инспектори и по животна средина. Некаде за две до три, а можеби и четири години – наведува Стојковски.

Тој информира дека во 2022 година, ДИЖС ќе биде дел од платформата е-инспектор која веќе од 1 јануари почнува да се спроведува во три инспекторати, Трудовиот, Пазарниот и Управниот, а сите останати како и ДИЖС ќе почнат во вториот дел од наредната година со воведување на дигитализација на инспекциските постапки.

Со цел зголемување на транспарентноста остварени се повеќе состаноци со граѓански здруженија, како „НАТУРА“, „Еко-свест“, со кои што реализиравме и тренинг за инспекторите, со македонското здружение на млади правници, како и Институтот за комуникациски студии – вели Стојковски.

Директорот на ДИЖС наведе дека во тек е изработка на интерактивна мапа која ќе содржи податоци за правните субјекти за кои Министерството за животна средина и просторно планирање и општините имаат издадено дозволи и елаборати, а ќе содржи и извештаи за спроведени инспекциски надзори.

Во насока на транспарентноста е и опцијата која стои на располагање преку веб страната на ДИЖС односно преку фејбук страната – опција месенџер каде во втората половина на оваа година се остварени и реализирани 135 нотификации од граѓани, сите се упатени во врска со надлежноста и начинот на постапување, односно само една четвртина од овие барања се однесуваат на предмети и субјекти во надлежност на ДИЖС – истакна Стојковски.

Тој посочува дека месецов е реализиран планот и се остварени 155 надзори, како и дополнително 26 надзори согласно заклучоците на Владата во однос на надминување на прагот за алармирање и вршење вонредни надзори. Во Скопје се направени 14, Куманово пет, Струмица три, Тетово четири надзори на А-интегрирани дозволи и инсталации за горење на отпад.

Стојковски наведува дека во тек е изработка на вториот шестмесечен извештај за работата на ДИЖС во 2021 година, а до 15 јануари ќе се достави на мислење до Инспекцискиот совет.

Тој информира и дека при еден од 155 надзори е утврден еколошки инцидент во рудникот Булмак – Пробиштип каде што имало истекување на јаловина.

Истиот субјект е задолжен да направи санирање на местото каде што го направил еколошкиот инцидент и е покрената постапка согласно Законот за животна средина за прекршоци од трета категорија каде што предвидена е казна од 100 илјади евра. Постапката продолжува да се води во МЖСПП – посочи директорот на ДИЖС.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.