Не се планираат нови антиковид-мерки зашто е намален бројот на хоспитализирани, болниците не се оптоварени и се празнат. Трета доза „Фајзер“ им се препорачува на сите граѓани, без оглед на возраста и дали се хронично болни. Од идната недела околу 8200 основци и средношколци  ќе бидат тестирани за присуство на КОВИД-19 за да се добијат податоци за преносливост на вирусот во училиштата.

Според министерот за здравство Венко Филипче, состојбата со заразата со КОВИД-19 сега е стабилна зашто континуирано повеќе денови има речиси идентичен број нови случаи – меѓу 450 и 500, но насекаде низ државата е сè помал бројот на тие што болнички се лекуваат и сега се околу 500. Филипче вчера изјави дека некои клиники, како Клиниката за уво, грло и нос и болницата во Козле, веќе се враќаат во нормална работа и нема да сместуваат КОВИД-пациенти.

Во вчерашниот здравствен билтен беа регистрирани нови 185 случаи од 1876 тестирања во 24 часа. Евидентирани беа 523 оздравени пациенти, 12 починати и дополнително тројца во периодот 29 септември – 3 октомври 2021. Со новата статистика, бројот на дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава достигна 192 654. Оздравени се 174 148, починати 6719, а активни случаи има 11 787 во целата држава.

Целосно вакцинирани се 734 000 граѓани. Од петокот е затворен пунктот во салата „Борис Трајковски“ и сега за вакцинација функционираат седум поликлиники во рамки на Здравствениот дом Скопје, во две смени. Филипче на прес-конференција информираше дека вакцини има доволно –  на располагање се околу 260 илјади дози „Фајзер“, 45 000 дози „Синовак“, 100 илјади дози „Астра Зенека“.

Министерот за здравство соопшти дека 47 отсто од полнолетната популација примила најмалку една доза, а од вкупното население 38,2 проценти. Посочи дека има голема разлика од општина до општина.

Следејќи ги искуствата на европските земји и САД, Комитетот за имунизација препорача трета доза не само за лица над 60 години и за здравствени работници, туку и за кои било други граѓани доколку се изложени на ризик од КОВИД-19  поради тоа што имаат чести контакти на работа или приватно, без оглед на возраста и дали имаат или немаат хронични болести.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.