Додека Јовица Страшевски, адвокат на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, обвинет во случајот ТНТ, е на одмор, претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев, побарал на рочиштето денес Трајковски да го застапува бранител по службена должност.

И покрај тоа што немам се уште добиено покана која се знае како според член 127 од ЗКП се доставува на бранител за закажано ново рочиште, во кој се опишани начините на достава, а и Тони Трајковски не ми го откажал полномошното како негов бранител Вие по не знам кој пат го кршите законот и сте назначиле не знам по кој закон и член друг бранител во постапката по службена должност. Ова е преседан во судството. Вие може да назначите бранител по службена должност само ако ме имате уредно покането и јас не сум се јавил на судење, или мојот клиент ми го откаже полномошното, нити едното ниту другото е направено бидејќи судењето е на 13.01.2020, а вие предвреме незаконски избрзавте и назначивте бранител по службена должност, пишува Страшевски.

Адвокатите реагираат и на одлуката на судот за смена на поротничка во случајот Ласкарци, која има заменски поротник, додека за ТНТ останува поротничниката на која ѝ е истечен мандатот и за која се чека Судскиот совет да донесе одлука на 27 јануари.

За адвокатот Мерџан Даути целата оваа прашина се крева бидејќи некој има посебен интерес ТНТ да заврши што побрзо.

Од друга страна адвокатот Еленко Миланов вели дека донесување на пресуда од судечки совет кој е неправилно составен со учество на судија-поротник кој нема мандат, а со тоа ниту својството на судија-поротник претставува суштествена повреда на чл. 415 ст.1 т. 1 од ЗКП што од своја страна претставува апсолутен основ за укинување на пресудата од повисоките судски инстанци по поднесени жалби. Така, наместо ефикасност на постапката се предизвикува сосема спротивен ефект на развлекување на постапката токму поради несоодветното постапување на судот. Во насока на ваквото тврдење постојат и повеќе судски одлуки донесени од апелационите судови и Врховниот суд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.