Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва беше во посета на штабот во Кисела Вода, а по средбата со жителите во изјава за медиумите ја коментира изјавата на премиерот Зоран Заев дадена во Куманово дека ВМРО-ДПМНЕ има проблем со срцето, душата и петите.

Претпоставувам дека таков тип на хумор и филозофско изразување на господинот Заев го разбира само он и малкумина околу него. Јас навистина не разбирам што сака да каже, но очекувам човек кој што е премиер на владата да биде малку повеќе сериозен и наместо несфатен хумор да се занимава со реал политика и да ги решава реалните проблеми на нашите сограѓани и толку поврзано со тој тип на хумор кој што претпоставувам само тој го разбира и никој околу него, рече Мицкоски.

Во врска датумот за преговори, Мицкоски очекува чист датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Тоа што цело време го зборуваме, да добиеме чист датум за почеток на преговорите со ЕУ. Иако ќе кажам оваа влада најмалку го заслужува, сепак граѓаните на Македонија тоа го заслужуваат и нашата држава тоа го заслужува. Се што е надвор од тоа да биде чист датум за отпочнување на преговори ќе биде неуспех за оваа влада и голем неуспех и делегитимирање за политиките на Зоран Заев и коалицијата која што ја предводи Зоран Заев. 

Гледате, внимаваме како се однесуваме целиот овој период, не само сега овие неколку дена, туку започнувајќи можеби од претседателските избори, па наваму бидејќи свесни бевме дека некои политики нема да наидат на одобрување на јавноста имајќи ги предвид на погрешните политики кои ги води Зоран Заев и оваа влада. Голем дел од јавноста очекуваше можеби и поагресивно однесување од страна на ВМРО-ДПМНЕ, јас сум свесен за сето тоа. Но, во тој момент државниот интерес и европреспективата за сите граѓани во Република Македонија за нас беше врвен приоритет. И како што гледате денеска ден спроти последниот ден кога ќе се одлучува за тоа дали Македонија ќе добие чиста препорака, нема да добие воопшто препорака или некое меѓу решение ВМРО-ДПМНЕ е резервирано и апелира да се добие чист датум за отпочнување на преговори со Европската унија и се што е ќе повторам надвор од чистиот датум ќе претставува целосно делигитимирање на овие камиказа арамиски политики на Зоран Заев и очекуваме во најскоро време формирање на техничка влада и одржување на предвремени парламентарни избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.