Владата и понатаму продолжува со лажната борба против аерозагадувањето и тоа го докажува во секоја можна прилика.

И покрај тоа што од Буџетот за 2021 се одвојуваат минимални средства за оваа цел, односно само 0,49% од Буџетот за 2021, интересно е и тоа што се противат и отфрлаат амандмани со кои се предвидуваат истите работи кои се предвидени и со Владината програма.

Ваков беше случајот со амандманот предложен од страна на „О2 Иницијатива“ со кој поради тоа што стотици здравствени установи, училишта и институции се греат на нееколошки горива, се предлагаше да се реши овој проблем и истите да се загреваат на еколошки горива во најзагадените градови.

Овој амандман беше одбиен, а во меѓувреме во Владината програма стои:

До 2024 ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење. Сите јавни институции се мапирани и ќе се донесат одлуки за најсоодветните решенија: (1) поврзање на централно парно греење, (2) на гас, (3) користење на високоефикасни инвертер клима уреди или (4) топлотни пумпи.

Тоа што ја докажува незаинтересираноста на Владата за решавање на овој горлив проблем е тоа што во споредба со лани во и така минималните одвоени средства од буџетот, најмногу, односно 20 милиони денари се крати во категоријата програма за намалување на аерозагадувањето, иако тука се најпотребни.

Инаку Владата во претходниот мандат доживеа тотален неуспех со „Планот за чист воздух“ со кој се најавуваше дека до 2020 ќе има за 50% почист воздух, но скоро ниту една од поважните точки на овој план не беа реализирани па и понатаму граѓаните продолжуваат да се гушат во енормно загадениот воздух кој достигнува алармантни нивоа на загаденост.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.