Високи француски дипломатски извори тврдат дека најмалку уште една друга држава на ЕУ ги поддржува против одлуката да се отворат преговори со Северна Македонија на утрешниот самит.

На прашање на МИА кои се тие држави, француските дипломати не сакаат да даваат имиња. Агенцијата стапила во контакт со повеќе земји-членки на ЕУ, но ниедна не ја потврдува информацијата која пристигнува од Париз.

Јасно е дека Франција е изолирана по ова прашање, ниту Холандија, ниту Данска, ниту Шведска немаат проблем со отворањето преговори со Северна Македонија, иако е јасно дека повеќе земји имаат проблем со Албанија, вели дипломатски извор од земја членка на ЕУ за МИА.

Французите својата позиција дополнително ја бранат со аргументот дека земјите членки кои инсистираат на пакет со Албанија го поткопуваат принципот на „секој по своја заслуга“ и ја префрлаат вината кај тие држави, според дипломатски извори станува збор за Италија, Германија и земјите од источноевропскиот блок. Но, на ова, други дипломати реплицираат дека токму Париз е тој кој го отфрли предлогот на финското претседателство за раздвојување на двете земји вчера на министерскиот совет.

Дипломати од земјите од Бенелукс велат дека ја разбираат позицијата на Франција и нејзините барања во однос на реформата на методологијата на преговарачкиот процес и дека во принцип никој не се противи на предлогот, но дека давањето зелено светло за Македонија „во ниеден случај не се коси со таа реформа“.

Би сакал некој да ми каже точно што е таа реформа на методологијата, имаме веќе еден куп процеси на мониторинг, сакаме да се бориме против реформските назадувања, затоа што или владите се опуштаат, или опозицијата не сака веќе да реформира кога ќе дојде на власт, вели дипломат од западна земја-членка.

Тој признава дека постојат проблеми во преговарачкиот процес, и дека е потребен посолиден систем, но дека тоа може да оди паралелно со давањето зелено светло.

Едно од прашањата што се поставуваат е што ќе се прави со оние земји кои веќе преговараат, Франција не предлага ништо конкретно и вели дека во принцип треба на сите да се примени новата методологија, но сосема нејасно е како и дали е тоа изводливо од правен аспект. Од Париз велат дека правниот агол е работа на Европската Комисија.

Да се применува отпосле може да нѐ доведе да ги менуваме правилата на играта во текот на процесот, а тоа не е идеално, зошто да нема поголема реверзибилност, но дури и да одлучиме да дадеме зелено светло сега, постојат уште многу чекори и имаме доволно широк арсенал за да ги постигнеме истите резултати што би ги постигнале со нов инструмент, додава дипломат од земја членка основач на ЕУ.

Во однос на геополитичкиот аргумент дека одбивањето да се отворат преговорите за членство би значело зголемен ризик од руско, кинеско или турско влијание во регионот, Париз одговара дека и земјите кои веќе преговараат се изложени на тие влијанија, што укажува на тоа дека преговорите не претставуваат гаранција.

Запрашан дали Франција го зема предвид предупредувањето на одредени земји дека негативна одлука за Северна Македонија може да значи враќање на антизападните сили, дипломатите од Париз одговараат дека „Европската Комисија прв пат кога даде препорака за почеток на преговорите на власт беше токму тој режим“, што го доведува во прашање кредибилитетот на ЕК.

Европската Комисија вели дека реформите се направени во двете земји, тие имаат своја проценка, земјите членки имаат своја проценка, сакам сепак да ве потсетам дека Европската Комисија сметаше дека Северна Македонија веќе беше подготвена да преговара за време на режимот, вели овој висок дипломат за МИА.

Париз повторува дека сѐ уште не е задоволен од судските реформи во двете земји иако признава дека ситуацијата е подобра во Северна Македонија отколку во Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.