Никола Србов

Обично велиме, кога империите паѓале, тогаш се случувале најголемите катастрофи – насилие, криминал, корупција, самоволие, терор, беззаконие, безумие… Но, империите се само синоним за ова непишано правило кое важи и за падот на тоталитарните режими од минатото, наметнати власти, државни уредувања и слично.

Мала ретроспектива на случувањата во Македонија води до заклучок дека СДСМ од самото доаѓање на власт знаеле дека „авантурата“ кратко ќе им трае, па од самиот старт се впуштија во криминал. И токму кога човек ќе помисли дека не може повеќе од ова и дека нивното практикување на власта не може да се расчлени на почеток и на крај според степенот на криминал, сепак, последната година го гледаме падот во целиот свој сјај – по дефиниција, како непишаното правило – „најлошо е пред падот“.

Од самото доаѓање на власт нивните пиарџии наметнаа реторика „сите се исти“, нешто кое вообичаено се прави пред крајот но никако на почетокот. Откако им се урна ова „сите се исти“ бидејќи народот „не е од вчера“ се „прешалтаа“ во нов мод „грабни колку можеш додека има“.

Сред „грабни колку можеш додека има“ во јавност изби „Рекет“, кој па има тенденција да прерасне во вистинска сапуница. Изгледавме „рекет 1“, „рекет 2“, „рекет 3“ и не знаеме уште колку сезони има „рекет“ а сѐ уште не сме го виделе расплетот од „рекет1“ за кој грчевито се борат да пропадне.

Дефокусот за ваков габаритен криминал си бара нешто покрупно, тоа „покрупно“ кое го најде власта е бајато повеќе од една година и чувано за вакви прилики. Дефокусот е отворање на судска постапка за наводна организација од страна на ВМРО ДПМНЕ на настаните од 27 април 2017 година. Целиот случај е темпиран за предизборни потреби и за дефокусирање на јавноста од случајот „Рекет“ кој како што гледаме допрва треба да се разоткрива и дека ова досега е само врвот од сантата кој плута на површината.

Најчудното во сето ова е што луѓево мислеле дека некој однадвор ќе ги амнестира за криминалот бидејќи го промениле името на државата. Според оваа пресметка ја поставиле и нивната политика која треба да ја намали разликата во крајниот резултат на 12 април. Тие воопшто не размислуваат за победа, помирени со поразот кој им следи размислуваат како разликата да биде помала со надеж дека судијата би пресудил пенал при самиот финиш и со тој пенал да направат Влада.

Многу работи не им се добро пресметани, а најлошо пресметано им е тоа што на избори не гласа некој од надвор туку гласаат македонските граѓани и пеналот нема да им врши работа, патем и судијата е неутрален. За криминалот не суди некој од надвор туку македонските судови на кои им претстои длабока реформа.

Позицијата им е мат, затоа зачудува сето ова, изгледа луѓето не се свесни за консеквенците од нивното делување врз нив самите.

Правда и одговорност за криминалот, политичкиот прогон, самоволието, беззаконието, корупцијата и кршењето на Уставот ќе има.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.