Што си надробил тоа ќе сркаш“, вели македонската народна поговорка кога сакаме да опишеме некој кој се обидува и друг да вовлече во грешката што ја направил.

Оваа поговорка како да е пишувана за Зоран Заев откако денеска од нигде никаде го повика лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски да формираат заедничка влада.

Овој негов „непристоен предлог“ доаѓа само неколку недели откако Заев набрзина скрпи 62 пратеници за да му изгласа доверба на владата.Но, и во секоја понуда на Заев има скриени и лукративни цели па така и оваа.

Која е целта на премиерот овојпат?

Се разбира дека оваа влада се држи на стаклени нозе и тоа најдобро се виде еден ден по изгласувањето доверба кога владејачкото мнозинство немаше кворум да започне седница.

Во таква ситуација ПР тимот на Заев му смислува генијална идеја- понуда за заедничка влада со ВМРО-ДПМНЕ.

Иако на прв момент изгледа привлечно, намерата на Заев е со ВМРО-ДПМНЕ да ја сподели одговорноста со опозицијата за сите неуспеси и „глупости“ како на домашен така и на меѓународен план.

Списокот на сите „успеси“ на Заев во последниот период е навистина долг....дебаклот со вакцините како единствена земја во регионот а можеби и во светот која нема ниту една вакцина ако не се брои кутивчето од Србија.

Потоа, недобивањето датум за преговори, укинувањето на предметот историјата, намерата да се укине катедрата за македонски јазик, влегувањето во војна со МАНУ која не сака да биде прекрстена во „Северна“…

Но сепак најголем камен кој тежи на Заев се односите со Бугарија која бара да прифатиме дека сме Македонци и оти зборуваме на македонски јазик, но од од 1944 година, а дотогаш сме биле Бугари.

Ова е премногу дури и за еден Заев и затоа сега бара влада заедно со ВМРО-ДПМНЕ, кое на тој начин би станало соучесник во бугаризацијата на Македонците и на посебноста на македонскиот јазик.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатиот месец го покрена прашањето за техничка влада, но тој мислеше на експретска во која не би влегле ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ туку врвни експерти и која ќе има за задача да подготви терен за организирање на фер и демократски избори во следниот период.

Згора на тоа пред ВМРО-ДПМНЕ и пред СДСМ се уште виси „пржинската“ влада од која и едната и другата партија сакаат да се ослободат, но по се изгледа таа ќе биде присутна и пред следните избори кога и да се одржат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.