Бугарските предлози во врска со прашалникот 5+1, кој беше најавен на неодамнешниот Самит на ЕУ за Западен Балкан во Брдо кај Крањ, најверојатно е документот за кој ќе се расправа во новиот круг консултации меѓу Софија и Скопје што ќе одржи кон крајот на октомври, а ги најави бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев.

Плусинфо повикувајќи се на неофицијални извори објави дека бугарските предлози нема суштински да отстапат од преговарачката рамка што ја утврди парламентот во Софија, со консензус на сите политички партии. Наивно e да се верува дека евентуален позитивен исход на претстојните избори во Бугарија во полза на ГЕРБ на Бојко Борисов битно ќе ги измести бугарските позиции, кои се сведуваат на оспорување на самобитноста на македонскиот јазик и на македонската државата пред 1945 година.

Оптимизмот на македонскиот премиер Зоран Заев дека шансите во двете земји за решение за спорот до крајот на годината се поврзани со очекувањата тој во Македонија да оствари триумф на локалните избори и потоа да го зголеми парламентарното мнозинство до две третини од обранискиот состав, доволно за уставни промени со кои ќе се овозможи Бугарите да бидат запишани во Уставот. Од друга страна, Заев се надева дека Борисов ќе оствари добар резултат на изборите во Бугарија што ќе му овозможи да ја формира новата бугарска влада.

Последната анкетата на „Алфа Рисрч“ покажува нов подем на партијата на Бојко Борисов пред изборите во ноември. ГЕРБ има 23%, пред социјалистите со 16,8% и новата партијата „Продолжуваме со промената“ на поранешните технички министрите за финансии и за економија со 16%. Победникот на претходните избори, партијата на шоуменот Слави Трифонов, падна на петтото место.

Официјално, за новите софиски иницијативи не се соопштува ништо. Од Владата во Скопје нема никакво образложение на најавата на шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев дека до крајот на октомври ќе се заокружи нов круг на консултации, а она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи.

– Бугарија инвестираше многу во дијалогот со Македонија, очекуваме конкретни дејствија од Скопје за трајно спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година, како и почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест. Преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат, а предадени се и бугарските предлози и текстови. До крајот на октомври ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Македонија и доколку се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи – изјави Стоев.

Претходно, бугарскиот претседател Румен Радев најави дека Бугарија ќе бара двете страни да потпишат протокол, кој ќе содржи правно обврзувачки-гаранции за спроведување на одлуките донесени во Договорот од 2017 година. Со тој документ би требало да биде предвидено македонските Бугари да бидат впишани во Уставот, но и да се сменат наставните планови во училиштата, да се запре прогонот на луѓе кои се идентификуваат како Бугари во Република Македонија, а државниот врв во Скопје јасно и категорично да се прекине со идеологиите на тоталитарното минато.

Сево ова треба да биде завршено во текот ноември и најдоцна до крајот на годината, за да се остварат и очекувањата на македонскиот премиер Зоран Заев, но и најавите од Брисел, каде што првиот поважен состанок на министерско ниво е закажан за 14 декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.