Операцијата „Метла“ мора да опфати длабоки промени и да направи остри резови за да се ублажат слабостите што ги покажаа речиси сите сектори во изминативе две години, сметаат дел од македонските политички аналитичари. Но, стравуваат дека чекорот што го најави премиерот ќе биде само пуст популизам и нема вистински да го подобри работењето на институциите.

Рацете на Зоран Заев се врзани и од коалицискиот партнер Али Ахмети, но и од структури во неговата партија како и од бизнис интереси, анализира „Алфа“. Ова уште еднаш го потврди и вицепремиерот Бујар Османи – промените ќе следувале откако ќе се направеле анализи на ниво на коалиција.

Од друга страна функционерите од СДСМ велат дека премиерот и нивен партиски лидер го има последниот збор за тоа дали ќе останат во фотелјите.

Филипче додели 35 милионски тендер за реагенси на новоформирана фирма кој под притисок на јавноста беше поништен. Најави спорни приватизации на секторот, а му се замерува и за ненавремената реакција со епидемијата на морбили и набавките на вакцини.

Под раководство на Министерот за администрација Дамјан Манчевски јавниот сектор продолжи да расте, а на критиките дека голем дел од новите вработени се партиски кадри одговори дека една деценија активистите на СДСМ биле дискриминирани.

Кочо Анѓушев беше на удар поради концесиите за хидроцентрали, учеството на негови фирми на државни тендери и грантови од фондот за иновации, менувањето на закон кои овозможи бесцарински увоз на акумулатори кои ги користи една од неговите компании, како и продажбата на ЕДС на грчкото електростопанство.

Одморот на премиерот завршува денеска, неизвесно е дали во текот на утрешниот ден ќе се знаат барем дел од имињата кои се на листата за разрешување.

Извор: „Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.