Здружението на судска администрација реагира на списоците за приоритетна вакцинација изготвени на 12 април и бара информација врз основа на кои критериуми Судскиот совет ги изработува листите за вакцинирање на вработени во судовите.

Судските службеници реагираат дека на оваа листа се нашле само членови и вработени во Судскиот совет, претседатели на судови и судии, додека останата судска администрација е целосно изоставена.

Според Националната техничка група за имунизација против Ковид-19, вработените во судовите се дел од критичната државна инфраструктура, но нејасно е како тоа на листата за вакцинирање без исклучок постои само една категорија на вработени во судовите – се вели во реакцијата на судската администрација до Судскиот совет.

Во реакцијата е објаснето и дека судските службеници работат во писарниците и канцелариите со повеќе свои колеги без можност да одржуваат ниту минимум меѓусебно растојание со што во континуитет го загрозуваат своето и здравјето на своите семејства.

Каде е тука правдата и правичноста која треба да биде темелна вредност на секој судски систем почнувајќи од „сопствениот двор“ – јавно прашуваат судските службеници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.