Техничкиот премиер Оливер Спасовски ги чекал понатамошните инструкции за да знае дали треба да оди во самоизолација, иако вчерашниот ден го помина во друштво на директорката на УЈП, Сања Лукаревска, која денеска доби позитивен тест на ковид-19.

Ги чекаме насоките и препораките на епидемиолозите. Штом ги добиеме, ќе постапиме веднаш и во целост согласно протоколите, со избегнување и најмал ризик. Штом ги добиеме препораките од епидемиолозите, веднаш ќе ја известиме јавноста, велат од кабинетот на техничкиот премиер Спасовски.

 

Во меѓувреме, пак, сите кои имале ризични контакти со Лукаревска и потпретседателот на партијата Мухамед Зекири, кој вчера објави дека е заболен, се во самоизолација.

Согласно здравствените протоколи и заради превенција, велат од СДСМ, во самоизолација се министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, вицепремиерката Мила Царовска, националниот кординатор за стратегиски комуникации  Марјан Забрчанец и дополнителната заменик министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска.

Спасовски веќе еднаш беше во самоизолација по состанокот на кризниот штаб на Куманово, кога се мислеше дека кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски е заразен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.