Покрај сите притисоци на пратениците изминатите денови, покрај се што се случуваше деновиве во Собранието, власта не успеа да обезбеди 80 гласа мнозинство за Законот за ЈО.

На самиот почеток на продолжението на 135 седница на Собранието како прва точка на дневниот ред спикерот Талат Џафери го стави гласањето за Законот за ЈО, за кој е потребно 2/3 мнозинство. Откако за Законот гласаа 74 пратеници, а 32 пратеници гласаа против, Џафери го поништи гласањето бидејќи немало двотретинско мнозинство, односно со образложение дека Лилјана Поповска била пријавена процедурално.

Откако поминаа процедуралните обраќања на Поповска и Мухиќ, а Џафери го „превиде“ пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, кој исто така се пријавил за глас процедурално, Никола Мицевски, се премина на повторно гласање.

Џафери побара и службите да го проверат системот за гласање, бидејќи дел од гласовите не биле регистрирани.

На повтореното гласање 80 пратеници гласаа „ЗА“, а 6 беа против. На повтореното гласање жестоко реагира пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ги нарече пратениците од СДСМ и ДУИ криминалци, а гласањето криминално, противуставно и неделовничко.

Криминалци! Криминалци! Бараме процедурално! Криминалци! Криминалци! Нема што да внимавам, ова што го правите… Ви побарав процедурално додека се обраќаше колегата Ферид Мухиќ. Го занемаривте тоа. На првото гласање повикавте да се гласа, пратениците гласаа. Од 113 присутни, 74 гласаа ЗА, 32 против. Согласно закон, Законот за ЈО не е донесен, затоа што се гласа со 80 пратеници. Немате право да повикате и на поединечно гласање, и од таа причина барам да констатирате дека не е успешно гласањето и ова законско решение не е донесено, Од тука натаму сето тоа што го направите е кршење на Деловникот, кршење на Уставот и сето ова што го рпавите е продолжување на начинот на којшто дојдовте на власт. Вие се дрзнавте и да констатирате дека второво гласање е завршено и законот е усвоен. Срамота, жестоко одговори Мицевски.

Тој побара пауза од еден час.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.